Завесата е спуштена… Заврши 40-тото јубилејно издание на фестивалот со најголема непрекината традиција во Македонија. Фестивалот кој четири децении во континуитет продуцира нови хитови, создава нови музички ѕвезди, раѓа евергрини кои вечно се пејат со подеднаква свежина и жар како и при нивната прва изведба. Македонска музичка антологија, музичка историја, која за жал и по четириесет години остана без своја документирана архива.

Ниту монографија, ниту фестивалска биографија, ништо… Никој од страна на организаторот не се сетил да ангажира луѓе за големиот јубилеј тоа да го стокмат во пишан или видеоматеријал кој ќе остане за навека, за сеќавање на генарацииите кои полека заминуваат и своевиден учебник за поколенијата кои доаѓаат. Поважни ли беа Пастрмајлијадата и Дино Мерлин, најважни изборите!? За 10 години следува 50-ката… Можеби тогаш некој ќе се сети дека Макфест е постар дури и од независноста на Република Македонија!

Нејсе, сепак факт е дека последниве неколку години „Макфест“ е во креативен подем. Аудио-визуелен, сценски, содржински, музички… Пoследнава постава предводена од двоецот Роберт Саздов како уметнички директор и Јован Јованов, несомнерно водечки член на Уметничкиот совет како одговорни за музичкиата содржина и ликот на фестивалот, дефинитивно заслужуваат големо браво за тоа како Макфест сега звучи и изгледа.

Музички свежо, модерно, современо, зашто акцентот е ставен на младите сили и нивното поимање на современите светски музички трендови, што дефинитивно Макфест го извадија од „шлагерската жабокречина“ во која со години се гушеше. Сега изведените композиции и музички и жанровски и аранжерско – продукциски и звучат ептен „тазе“ и модерно. Особено годинава пријатно изненадија млдите пејачки имиња со својата окална изведба, сценска сигурност и впечатливите настапи, покажувајќи дека Макфест е местото од каде почнуваат да дуваат некои нови, свежи ветрови во едрата на македонската естрада.

Визуелниот впечаток го обои за јубилејот во најблескавите и најубави бои. Иако просторот на бината во домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип не дозволува да се расплинете во квадратура, сцената на Макфест изгледаше буквално светски. Визуелните анимации грижливо одбрани за секоја песна, заедно со сцеографската, лајт визура направија секој настап поединечно да изгледа толку многу ефектно, небаре гледате еден Санремо, а не Макфест.

Буквално се’ што зависело од двоецот Саздов – Јованов и нивната екипа соработници, беше сработено на ниво на перфекција. Секако, во функција на она главното, грижливиот избор на песните и нивната изведба од страна на естрадните уметници, како и сценките настапи на самите нив и нивните танчарско – инструментални придружби.

За жал, организацијата на Макфест оддамна е слаба страна. „Ахилова петица“ која во годината на јубилејот заглави во калта до балчак. Од немање капацитет на организаторско продуценстко знаење, преку немање лични мотиви до лична суета и нарцисоидност дека „од нив светот на Макфест почнува“, а тие во светот на фестивалската естрада се „од вчера“!
Веројатно еднаш засекогаш организацијата кој и да е во неа, ќе треба да сфати дека фестивал се прави и подготвува цела година, а не во „5 до 12“. Но, да тргнеме со ред…
Од на почетокот споменатото немање никаква средена, класифицирана, документира официјална фестивалска архива, издадена ниту во печатен, ниту во дигитален облик, за цели 40 години постоење!

Односот кон седмата сила и понатаму ставен на маргините. Новинарите и медиумските куќи и овој пат со „реда ради“ третман. Наместо првите редови во салата да бидат резервирани за претставниците на јавноста, новинарите и по 40 години Макфест можат да го следат само на големиот екран од бекстејџот. За нив пристапот во салата не е дозволен, освен ако не си купат самите влезница! Тогаш зошто би доаѓале во Штип, кога подобро ќе си седат дома завалени во троседот или фотелјата следејќи го фестивалот на сопствениот телевизор!
Прес конференцијата на која треба да се соопштат сите детали и поединости и за јубилејот наместо во Скопје, каде што се концетрирани 99% од сите најзначајни медиуми, се прави во Штип. Како Макфест да е локална приредба, а не најзначајниот македонски фестивал на забавна музика! И тоа без официјален ПР, без детерминирана личност од организацијата на која можете да и се обратите за акредитации, сместување…! Патем, ниту едно кафе и чаша вода за седмата сила од организаторот. Полн пансион и платени патни трошоци како што тоа го прават не подалеку, туку кај северниот сосед во Србија, каде што сме присуствувале на бројни фестивали и манифестации, за организаторот на Макфест е „мисловна именка“!

Седум дена пред да се одржи речиси никој жив во државата не знаеше дека годинава Макфест ќе го има. Наместо македонската престолнина – Скопје, Штип и околните градови да „врескаат и блескаат“ од најавни билборди за 40 годишниот јубилеј, порталите да бидат полни со банери и ПР текстови, на радијата и телевизиите да „гази“ најавна реклама – штама! Маркетингот – умрен ПР-от – непостои! А, треба да се слават 40 години?!
И конечно на крај за признанијата и наградите, на кои дури и самите наградени се чудат и негодуваат. Од основоположникот на Макфест, живата легенда Стојан Троицки…

… До наградените новинар(к)и, како Биба Крнческа од Свет Австралија… и сите „прескокнати“ од незнаење, негрижа или нечија пука суета!

За мноштвото кои беа (не)намерно заборавени и изоставени – немаме зборови… А нема ниту оправдување за селективноста на доделувачите кои не изоставија да се наградат и самите себеси иако во Макфест се инволвирани едвај неколку години, додека оние кои ја градеа и создаваа фестивалската историја ги заборавија или премолчеа! Небаре Макфест е приватна сопственост, а не јавно културно добро. Општина Штип е организатор и стои зад фестивалот, ама зад пропустите стојат поединци со име и презиме. Прстот на сите вперен во едно лице – главниот продуцент на Макфест, Александар Арсовски.



Наместо да бидат наградувани поедини новинари кои со децении го следеле, воделе, пишувале и обајавувале за Макфест, го афирмирале и популаризирале фестивалот, та работеле за цело време во еден ист или смениле 10 медиуми сеедно, „од ракав“ се делеа награди „по лична желба“ на медиуми кои постојат само неколку години. Прескокнати беа значајни новинарски и уреднички имиња, бардови на македонското естрадно новинарство како ( Тимчо Апостолов, Грета Оџакова – Екран, Јасмина Кантарџиева – Слободен Печат- Еспресо и Гламур, Милица Џаровска – Вест и СДК-Смарт, Весна Миленковска – Вест и Канал 77, Антонио Димитриевски – МТВ и Вистина.мк)… и многу други. А речиси сите беа дојдени на фестивалскиот јубилеј во Штип на сметка на своите редакции, секако!

Изоставени беа уметнички директори на фестивалот кои со години ја вршеле таа функција (Љупчо Мирковски, Валенетино Скендеровски на пример), познати долгогодишни водители (Вера Јанковиќ), познати композитори и текстописци (Григор Копров, Славе Димитров, Миодраг Врчаковски, постхумно еден Драган Вучиќ или Кире Костов)… Списокот е за жал, долг.

Се’ на се’, на годинешново, јубилејно 40-то издание на најзначајниот фестивал на забавна музика во Македонија ги видовме и лицето и опачината и сјајот и бедата на Макфест! Блескавилото на сцената и мизеријата зад неа! Остана само надежта дека „грдото лице од зад кулисите“ сепак нема да ја засени магијата на фестивалската убавина.
Фото: Социјални мрежи/Фејсбук и Инстаграм







