Живот и стил ФОТОГРАФИЈА ШТО ПОВТОРНО ГО ОБИКОЛИ СВЕТОТ

Приказната зад виралната фотографија на Меси и Јамал пред финалето на Мундијалот

Фотографијата на која Лионел Меси го капе шестмесечниот Ламин Јамал повторно се прошири на социјалните мрежи, само неколку дена пред финалето меѓу Аргентина и Шпанија.

Приказната зад виралната фотографија на Меси и Јамал пред финалето на Мундијалот

Фотографијата на која Лионел Меси го капе Ламин Јамал, тогаш бебе старо само шест месеци, повторно ги преплави социјалните мрежи во пресрет на финалето на Светското првенство 2026 меѓу Аргентина и Шпанија.

Многумина дури сега првпат ја откриваат оваа необична фотографија, но таа не настанала при случајна средба. Снимена е во рамките на хуманитарен календар што шпанскиот спортски весник „Спорт“ го организирал заедно со Барселона и УНИЦЕФ.

Зад идејата стоел Ориол Каналс, тогаш одговорен за промотивните активности на весникот.

Каналс во интервју за „Спорт“ се присетил на моментот кога првпат сфатил дека старата архивска фотографија станала вистински интернет-феномен.

„Бев на базен кога видов објава од поранешен колега од „Спорт“ кој ја споделил фотографијата. Мојата реакција беше: ‘Оваа фотографија е наша’“, раскажал Каналс.

Иако поминале 15 години откако го напуштил весникот, признава дека и натаму чувствува дека фотографијата е делумно и негова.

„Точно знаев дека ја направил Жоан Монфорт за хуманитарниот календар. Речиси веднаш го визуализирав моментот“, објаснил тој.

Во тие фотосесии учествувале големи фудбалски имиња како Роналдињо, Карлес Пујол, Самуел Ето и Тјери Анри, но средбата со Меси, како што вели Каналс, природно останала посебно врежана во неговото сеќавање.

За значењето што фотографијата го доби сега, кога Меси и Јамал ќе се најдат на спротивни страни во финалето на Светското првенство, Каналс употреби впечатлива споредба:

„Тоа е како Мајкл Џордан да го капел Леброн Џејмс. Навистина е неверојатно.“

📷 Joan Monfort – sport.es

Како настанала фотографијата?

Каналс објасни дека тој ја организирал целата иницијатива, но не одлучувал лично кој фудбалер со кое дете ќе се фотографира.

Идејата била календарот да се реализира во соработка со УНИЦЕФ, Фондацијата на Барселона и организацијата „Касал делс Инфантс дел Равал“, преку која децата биле носени на фотосесиите.

Првата година дозволите биле обезбедени во последен момент, но во следните изданија проектот станал подобро организиран. Било побарано во него да учествуваат деца поврзани со програмите на УНИЦЕФ и на „Касал делс Инфантс“, за календарот подобро да ја отсликува разновидноста на општеството.

📷 FC Barcelona Foundation

Ламин Јамал, според Каналс, бил вклучен токму преку една од програмите на УНИЦЕФ.

Седумнаесет години подоцна, додека Аргентина и Шпанија се подготвуваат за големото финале, приказната повторно предизвикува огромно внимание.

„Многу луѓе сега ме прашуваат за тој момент. Се сеќавам на него, но тешко е да се сетам на секој детал“, признал Каналс.

Она што тогаш било обична хуманитарна фотосесија, денес изгледа како симболична прва средба меѓу две фудбалски генерации кои на 19 јули ќе се соочат во финалето на Светското првенство.

Фотографијата е сопственост на „Спорт“

Фотографијата е во сопственост на шпанскиот весник „Спорт“, кој во тоа време секоја година објавувал хуманитарен календар во соработка со Барселона и УНИЦЕФ.

Меси и Јамал биле дел од изданието за 2008 година, во кое фудбалерите од првиот тим на Барселона учествувале без никаков надомест.

📷 FC Barcelona Foundation

На фотографијата се гледа младиот Меси, со неговата препознатлива подолга коса, како насмеан го капе бебето Ламин Јамал, кого го држи неговата мајка Шејла Ебана.

Автор на фотографијата е долгогодишниот фоторепортер на „Спорт“, Жоан Монфорт.

Тогаш никој не можел да претпостави дека бебето од фотографијата еден ден ќе стане една од најголемите фудбалски ѕвезди и ќе се соочи со Меси во финале на Светското првенство.

To top