Почина Глигор Пандиловски – Гиц – музичар, извршен продуцент и познат скопски угостител, долгогодишен сопственик на култното кафуле „Чао“.
Гиц- како што го сите го знаеа беше градски човек, урбана скопска легенда, тапанар во седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години на некои од познатите скопски бендови како ВИС „Урагани“.

Подоцна ќе му се посвети на угостителството отворајќи го култното скопско кафуле „Чао“ во ГТЦ во Скопје, кое со години ќе биде централното собиралиште на младите.

Огромниот круг пријатели го познаваа како исклучително вреден, исполнителен, умешен, но и мирен и пријатен човек, вистински другар кога треба да се излезе во пресрет или помогне, мецена кој знаеше својот локал да им го отстапи на младите музичари за промоции, прес конференции, свирки, журки, забави…

Не случајно многумина знаеја да кажат: „Додека беа Гиц и ‘Чао’, функционираше и ГТЦ и ноќниот живот во него. Последната деценија и нешто повеќе, Гиц живееше на релеција Скопје – Гетеборг (Шведска) каде уште претходно живеел.

Другарите, пријателите и сите што го познаваа со неверување и длабока тага се простуваат од човекот кој остави длабока трага во урбаниот скопски ноќен живот, но последните години беше длабоко вткаен и во организацијата на музичкиот фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“, каде беше еден од неговите извршни продуценти.

Токму организаторот на својата официјална Фејсбук страница се простува од својот соработник, колега и пријател со обимен пост:



И самиот како некогашен музичар зад сетот тапани, Гиц имаше пријатели и меѓу музичарите и тоа не само кај македонските, туку и меѓу големите екс ЈУ легенди, како Дадо Топиќ или Срѓан Марјановиќ на пример, кои меѓудругото токму благодарение на неговите лични контакти беа чести гости на охридскиот фестивал.
Легендарниот регионален рокер со заедничка фотографија токму од дружбите на „Охрид фест“ се простува од својот пријател Гиц…


„Нашиот драг пријател, македонски тапанар и голем пријател на фестивалот на охридските трубадури, Глигор Пандиловски – ГИЦ, замина тивко, без да се збогува.
Договорените средби, планови и радости останаа недовршени, а празнината што ја остави зад себе е тешко да се опише.
Твојата насмевка и енергија ќе останат со нас засекогаш. Патувај, наш добар ГИЦ“.

Неговиот другар, уште една екс ЈУ музичка легенда, познатиот кантатвтор и романтичар Срѓан Марјановиќ исто така не можел да ги сокрие емоциите заради заминувањето на неговиот „брат“, како што самиот тој го нарекува Гиц:

„Збогум Гиц, пријателу и брате… Додека дишам ќе бидеш во моето срце, како и сето она што го минавме заедно… Патувај со ангелите“ – споделил Срѓан Марјановиќ.

„Нека ти е светол патот пријателе“… Редакцијата на Вистина.ком.мк изразува длабоко и искрено сочувство до семејството и најблиските.
Фото: Фејсбук






