Српската поп-дива Јелена Карлеуша повторно се најде во центарот на регионален скандал откако беа откажани нејзините два најавени настапи во Босна и Херцеговина, овој пат поради официјална процена за безбедносен ризик од страна на тамошната полиција.
Оваа одлука ја исфрли од такт балканската дива, која веднаш реши јавно да се огласи на социјалната мрежа „Х“ и без влакна на јазикот да го каже своето мислење за оваа, како што ја нарекува таа, голема неправда.
Во својата жестока реакција, Карлеуша децидно истакна дека никогаш во животот не упатила никакви навреди кон бошњачкиот народ и потсети дека за време на воените конфликти во деведесеттите години била премногу мала за да има каква било улога.

-Два мои настапи во Босна беа откажани поради лоша проценка на безбедноста од страна на полицијата. Никогаш не сум ги навредила ниту рекла нешто лошо за Бошњаците. Бев мала за време на војната во Босна. Дино Мерлин слободно закажа концерт во Србија, во Краљево. Нема лоша проценка на безбедноста од страна на полицијата. Тој активно учествуваше во сите воени настани од 90-тите, пееше песни со таа тема и даваше провокативни изјави. Што мислите за оваа „правда“ кон мене? – напиша Карлеуша на мрежата „X“.
За да ја долови апсурдноста на целата ситуација, таа направи директна и остра споредба со босанската музичка ѕвезда Дино Мерлин. Карлеуша потенцираше дека Мерлин без никакви безбедносни пречки закажува концерти низ Србија, иако во минатото активно учествувал во воените настани, пеел песни со таква тематика и давал провокативни изјави на сметка на Србите.

Ова не е прв пат пејачката да се соочи со затворени врати во соседството изминатиов период, имајќи предвид дека пред само еден месец под притисок беше откажан и нејзиниот концерт во Водице, Хрватска. Како одговор на овие забрани, Јелена порача дека е тажна што е спречена да се дружи со својата верна публика и дека се чувствува како жртва на постојано извртување на нејзините зборови.
фото:Facebook printscreen/Jelena Karleuša





