Мајкл Дамески си го оствари својот голем сон, танцувајќи со Лејди Гага во нејзиниот спот за новата песна „Abracadabra“.
29-годишниот Австралиец од македонско потекло, ги покажува своите вештини покрај славната пејачка. Тој сподели кратко видео и фотографија со Лејди Гага.
„Кога сонот станува реалност“ – напишал тој во објавата на Инстаграм.
View this post on Instagram
Веста прва на социјалните мрежи, поточно на својот фејсбук профил го објави македонската ТВ новинарка и водителка Миланка Рашиќ, која своевремено и самата долги години се занимаваше и професионално со модерни танци.
„Мајкл Дамески блеска во најновиот спот на Лејди Гага!
Мајкл, кој има македонско потекло, е еден од најдобрите танчери и кореографи во светот, актер е и пејач, роден во Сиднеј, а живее во Лос Анџелес.
Права танц ѕвезда, со освоени први места на светски танцови првенства, победник на шоуто So you think you can dance Australiа, беше втор во американското шоу World of Dance, играше во мјузиклот “Били Елиот” во Австралија, потоа и на Бродвеј. Огромно браво, горди сме на тебе!“ – споделила Рашиќ покрај заедничката фотографија на музичката и танчерската ѕвезда.
Инаку, Мајкл Дамески е роден на 7 ноември 1995 година во Сиднеј Австралија од родители со македонско потекло Пецо и Неда Дамески. Кога имал 6 години, се пријавил на својот прв танцов натпревар во Aвстралиски танц идол, влегувајќи во топ 10 без никаков формален тренинг.
Во 2018 година, како што објавила водителката Мајкл учествуваше на големото телевизиско шоу Ворлд оф денс (World of Dance) освојувајќи го второто место.
По бројните впечатливи настапи насекаде низ светот, тој почнува да работи со најголемите ѕвезди во танчерската и музичката индустрија, како Пола Абдул, Кајли Миног или Џенет Џексон, сестрата на легендарниот Мајкл Џексон.
Мајкл, кој денес живее во Лос Анѓелес е еден од најдобрите танчери и кореографи во светот, но работи и како актер, а е и пејач.
Македонската публика Мајкл Дамески го запозна уште во 2007 година.
Тогаш како 9-годишно детенце настапуваше на најстариот македонски детски фестивал „Златно славејче“, каде уште тогаш го покажа својот брилијантен талент за танци и сценски движења, како и вокалните можности, изведувајќи ја песничката „One dance“.
Фото: Инстаграм/michaeldameski/ Фејсбук/Milanka Rasic