Радио Милева Тајната на Доли

Никогаш не излегуваше без перика: Еве зошто светот никогаш не ја виде природната коса на Доли Партон

Никогаш не излегуваше без перика: Еве зошто светот никогаш не ја виде природната коса на Доли Партон

Плава, натапирана и огромна коса беше заштитен знак на Доли Партон. Еве зошто почнала да носи перики и како нејзините фризури станале дел од поп-културата.

Доли Партон никогаш не верувала во скромност кога станувало збор за сценскиот изглед. Колку повеќе светки, колку повисоки потпетици и, секако, колку поголема коса – толку подобро. Нејзината платинесто руса фризура со децении била речиси исто толку препознатлива како и нејзиниот глас, а зад совршениот волумен се криела едноставна тајна: Доли со години носела перики.

Тоа не било обид да ја скрие природната коса, ниту пак било последица на несигурност. Напротив, периките биле практично решение кое со текот на времето станало дел од нејзиниот идентитет, толку важно што денес некои од нив се чуваат заедно со нејзините легендарни костими.

Големата коса ја сакала и пред да стане славна

Љубовта на Доли кон екстремниот волумен не започнала на концертните сцени. Уште во средно училиште сакала да ја натапира косата и да прави фризури кои се разликувале од оние што ги носеле другите девојки.

„Често сама си ја средував косата. Тогаш во мода беше натапирањето, кое почнав да го практикувам уште во средно училиште. Бев една од ретките девојки во училиштето која имаше толку голема, натапирана коса. Ја обожавам идејата за перики. А мојата природна коса? Неа обожавам да ја осветлувам со бланш. Сепак, секојдневното бланширање, натапирање и нанесување големи количини лак не биле комбинација што нејзината природна коса можела долго да ја издржи.

Тогаш на сцена стапиле периките.

„Почнав да носам перики бидејќи многу брзо сфатив дека секојдневното бланширање и натапирање целосно ќе ми ја уништат косата. Беше неверојатно практично да имам неколку готови изгледи на располагање, така што мојата коса никогаш немаше лош ден“, раскажала таа своевремено за американскиот „Вог“.

Практичноста набрзо прераснала во естетика. Периките повеќе не биле само начин да ја зачува косата, туку станале дел од препознатливиот изглед на Доли.

Во создавањето на овој изглед посебно место имала Колин Овенс, нејзината прва стилистка за перики, но и тетка на нејзиниот сопруг Карл Дин.

Колин правела раскошни фризури главно од синтетичка коса, која Доли ја сакала бидејќи подобро ја задржувала посакуваната форма и волумен. Предност било и тоа што пејачката можела да понесе повеќе готови фризури на турнеја и да ги менува во зависност од пригодата.

„Колин создаде толку многу фантастични перики, главно користејќи синтетичка коса, која претходно ја претпочитав бидејќи подобро ја задржува формата од вистинската коса. Дури и кога Колин не беше со мене на турнеја, можев да ги носам нејзините креативни фризури со себе“, напишала Доли.

Токму Колин била таа која првпат посериозно ја вовела во светот на додатоците за коса.

„Таа ме запозна со мојата прва перика, односно со екстензии кои можеа да се додаваат на косата за поголем волумен. Нејзината креативност беше неверојатна. Тие перики ме носеа мене, а не јас нив! Правилото секогаш беше: колку поголемо, толку подобро. Сметаше дека сум исклучително специфична личност, па секогаш се трудеше мојата коса да биде уште поволуменозна.“

foto: printscreen/instagram/dollyparton

To top