Промотер

На зборовите: „Направете нешто свое“, Next Time возвратија со песна што освојува – „Славам“ (ВИДЕО)

На зборовите: „Направете нешто свое“,  Next Time возвратија со песна што освојува – „Славам“ (ВИДЕО)

„Еј, другари, браќа, дигнете чаша за спомените…“ – стихови што ја откриваат главната порака на новата песна „Славам“ на музичкиот бенд Некст Тајм, составен од дуото Мартин и Стефан Филиповски. Песната носи силна емоција за пријателството, братството и луѓето кои, без разлика на далечината, секогаш остануваат дел од нашите најважни моменти. „Славам“ е емотивна музичка приказна инспирирана од личен момент од животот на Стефан Филиповски.

 

Идејата за песната се родила на неговата свадба, во момент кога Стефан размислувал за значењето на кумството и за тоа колку далечината понекогаш може да ги одвои луѓето од најважните животни настани. „На самата свадба, поради тоа што мојот кум е Македонец од Австралија, почнав да си мислам што ако, дај Боже, еден ден имам дете и на најубавиот ден во неговиот живот, мојот кум не биде во можност да дојде и да биде тука поради оддалеченоста. Таа мисла ми остана и од неа се роди една емоција која подоцна прерасна во песната ‘Славам’“, раскажува Стефан Филиповски.

„Славам“ е песна за сите оние луѓе со кои ги делиме најубавите моменти, за пријателите кои ги нарекуваме браќа, за кумовите и за спомените кои остануваат засекогаш. Посебна приказна носи и видеоспотот за песната, кој е снимен во прекрасната Тоскана, Италија. Режијата е на Стејди Флоу, кој преку визуелниот концепт ја доловува емоцијата, топлината и атмосферата на песната. Музиката и аранжманот на „Славам“ се дело на Николче Мицевски, додека текстот го потпишуваат Стефан Филиповски и Марко Маринковиќ – Слаткар. Со новата песна „Славам“, Некст Тајм уште еднаш покажуваат дека нивната музика не е само звук, туку приказна, чувство и порака што допира до публиката.

Покрај промоцијата на новата песна, Некст Тајм интензивно се подготвуваат и за својот голем концерт во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, закажан за 27 ноември. До големата концертна вечер, нивната публика и обожаватели можат да очекуваат уште нови музички проекти и изненадувања кои ќе ја надополнат приказната на бендот. Песната и официјалниот видеоспот се достапни на дигиталните платформи и официјалниот Јутјуб канал на Некст Тајм.

To top