По емитувањето на втората полуфинална емисија на регионалното музичко талент шоу за повозрасни „Никогаш не е доцна“, седум кандидати се бореа за последното место што преостана за големото финале.
Меѓу овие седум кандидати имаше и тројца од Македонија, а одлуката и овој пат беше целосно во рацете на публиката која преку социјалната мрежа Фејсбук, имаше рок од 24 часа да гласа за своите фаворити.
Не беа по вкусот на публиката?
И ако обично во годините наназад, па и досега Македонците со гласовите на публиката редовно одеа понатаму и влегуваа во финале, овој пат гласачите на нашите кандидати како „да им го завртеа грбот“!

Илија Балтовски Балто во текот на целото гласање котираше на второто место, водејќи неизвесна битка до самиот крај, но за жал не успеа да се пласира во големото финале.

Покрај Балто во последната фаза од музичкото натпреварување не успеаја да се пласираат ниту останатите два наши претставници, Елизабета Ефтоска и Игор Васиљков.

По финалното пребројување на гласовите, со најголем процент на поддршка од публиката и пласман во големото финале обезбеди Јасмин Селмановиќ, кој освои 33% од вкупните гласови. Покрај него уште претходно директен пласман во големото финале обезбедија петмина натпреварувачи: Маријана Петров, Аница Петровиќ, Синан Бахтијаревиќ, Марија Машиќ и Дарија Лукиќ.
Македонија сепак ќе има свој прeтставник во финалето
Имено, она што не им успеа на тројцата македонски кандидати, претходно му успеа нашиот Виктор Димитриевски од Куманово кој направи вистински бум на гласањето.

Македонскиот Здравко Чолиќ , како што го нареккоа кумановецот, извојува убедлива победа со Фејсбук гласовите од публиката, и со нив си го осигура својот директен пласман во големото финале во кое ќе се бори за победа во оваа сезона на „Никогаш не е доцна“.

Фото: Фејсбук и Јутјуб принтскрин/grand.nova.rs/nikad-nije-kasno





