Македонските музички артисти ДЈ Никифор и композиторот, продуцент и пејач Роберт Билбилов го објавија новиот заеднички авторски проект насловен „In My Dreams“. Во прашање е мистична хаус тема што отвора прашања за луѓето кои никогаш не успеваме целосно да ги заборавиме и разговорите што никогаш не биле водени. Нумерата веќе е достапна на сите музички и видео платформи.

Со модерен хаус звук и впечатлива атмосфера, „In My Dreams“ ја доловува носталгијата и чувството дека некои личности остануваат присутни во нашиот живот дури и тогаш кога физички повеќе не се покрај нас. Песната ја истражува границата меѓу реалноста и соништата, оставајќи простор секој слушател да ја пронајде сопствената приказна во неа.

Композицијата започнува со стихови што зборуваат за слободата и личниот идентитет – „слободен како моите стапала на оваа земја“ и „слободен како што Бог ме создал“, а потоа постепено ја менува атмосферата. Светлиот почеток преминува во помрачни тонови, исполнети со немир и неизвесност, каде што се појавуваат слики за некого што „се крие во темнината“ додека паѓа самракот. Токму овој емотивен пресврт ѝ дава посебна тежина на композицијата.

„Ова е песна за спомените што одбиваат да избледат, разговорите што никогаш не се случиле и луѓето што сè уште наоѓаат пат назад кон нас секоја вечер“, порачуваат DJ Nikifor и Роберт Билбилов во описот на видеото на нивниот YouTube канал.

Зад комплетната авторска реализација стојат Just RB (Роберт Билбилов) и DJ Nikifor, кои и овој пат испорачуваат музичка приказна што не се слуша само со ушите, туку и се доживува со емоции.

„In My Dreams“ е музичка посвета на спомените, соништата и луѓето кои и кофа физички ќе заминат, никогаш вистински не заминуваат од нашите животи.






