Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп, како второ дете на Никола и Доминика Проески.
Тоше беше една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена. Во Македонија несомнено најголемата на сите времиња, заштитен знак на домашната забавна музика, македонска музичка икона.
Музичката кариера ја почна со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997, каде што две години по ред ќе победи, изведувајќи ги песните „Yesterday“ од „Битлси“ и „My love“ од Хулио Иглесијас.

Патот кон ѕвездите му го отвораат песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Имаше блиска соработка со Кире Костов, Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Гоца Тржан, Марина Туцаковиќ, Миро Буљан, Мирослав Рус, Антонија Шола, Тони Цетински, Џана Нанини, Phoebus, Andy Wright, Ања Рупел и голем број на други влијателни балкански и светски музичари, пејачи и композитори.

Се смета дека подемот во неговата кариера започна по изведбата на песната „Твоите бакнежи на моите бели кошули“ на Скопскиот фестивал во 1999 година. Во меѓувреме Тоше стана дел од продуцентската куќа Авалон, каде што остана сѐ до истекувањето на неговиот договор во април 2002. Во 2004 година беше прогласен за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Негов заштитен знак е познатиот израз: „Ве сакам сите“!

Загина на 16 октомври 2007 година, во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Постхумно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, беше прогласен за Ден на национална жалост.
Покрај тоа што беше талентиран музичар, Тоше беше и голем хуманитарец, човек со големо срце и чиста мисла. На овој ден, на неговиот 45-ти роденден во негова чест, да се потсетиме на неговите најубави и најмудри мисли за љубовта и животот. Зашто македонскиот музички ангел Тоше има само датум на раѓање…

„Да имам огромна моќ, макар и накратко, би направил да исчезне омразата и злото и луѓето меѓусебно да делат љубов“
„Суштината на животот е да се сака, да имаш некој што те сака, да си сигурен дека те сака и дека е само со тебе“
„Не сакам да ми симнувате капа. Само сакам да се гордеете со мене.“
„Кога ќе ви одземат сè, ќе ви останат двете раце, составете ги една до друга за молитва… Tогаш ќе бидете НАЈСИЛНИ.“

Фото: Инстаграм/toseproeski_



