Социјалните мрежи некои ги нарекуваат и социјални медиуми, што можеби и се, зашто наликуваат на такви… Ама дали во суштина е така, е големо прашање, зашто на нив се јавува и појавува, пишува и критикува, споделува и полемизира кој ќе стигне, кој што сака, како сака и колку и кога сака… И што треба и што не треба, па многу често случајно погрешно објавената информација или намерно споделената лага, за миг станува „вистина“! Или барем се шири како пожар претварајќи ја „фејк веста“ во збунувачка, која ги става во недоумица сите останати, создава немир, неспокој, несигурност, предизвикува гнев и секакави други несакани емоции…
Вакви примери на социјалните мрежи имаме секојдневно, ама кога „лажна вест“, па макар и случајно ќе сподели познат новинар, а истата уште се однесува на „наводна смрт“ на позната личност, некако почнуваме да се прашуваме отиде ли се’ по ѓаволите, кога е новинарскиот еснаф во прашање?
Зашто избрзаната реакција на новинарката Бранка Костиќ Марковиќ иако никој не се сомнева дека била добронамерна, сепак вчера, недела, 18 август 2024 г.предизвика хаос на социјалните мрежи.
Имено, македонската новинарка откако претходно избрзано погрешно протолкувала туѓ пост на Фејсбук, кој се однесувал на скорешното предвремено заминување на сопругата на пејачот на групата „Меморија“, непромислено ќе сподели свој со сочувство, мислејќи дека, пејачот на легендарниот бенд Апостол Поце Икономов починал!?
За миг се вжештија телефоните кај колегите од новинарската фела, а Фејсбук почна да врие како жешка лава во еруптиран вулкан! Трката по тоа кој прв ќе објави и обзнани на својот медиум тргна, но сепак со претходна проверка на фактите, а најпознататата социјална мрежа почна да се преплавува со постови и коментари, меѓу кои имаше секакви! Од оправдано вперен прст во онаа што ја споделила „несреќната објава“ која за среќа не беше точна, до дузина навреди, па дури и вулгарни зборови кон истата, што е далеку од културно и оправдано однесување.
Како и да е, многу бргу се покажа дека се работи за забуна, за лошо толкување на туѓото ФБ пишување, за што веднаш новинарката „траорниот пост“ го беше повлекла или избришала, а намсто него осамна нејзиното извинување, што е доблесна реакција.
Како што е доблесно што лидерот на групата „Меморија“, Петар Георгиевски – Камиказа кому, како и на повеќето од останатите членови на бендот во тие мигови телефонот непрестано им ѕвонел, најпрвин човечки и емотивно да реагира на „несреќната“ објава на новинарката…
За потоа уверувајќи ги новинарите и пријателите дека со Поце е се’ во ред и пејачот е жив и здрав, уште почовечки да го репостира и нејзиното извинување.
Како и дае, од сето ова се наметнуваат неколку факти како заклучок.
Како прво, кога нешто се објавува или постира на социјалните мрежи, треба да се отворат „четири очи“, зашто штетата направена, дури и од небрижност може да биде катастрофална. Впрочем старата поговорка вели дека: „И патот до пеколот е поплочен добри намери“, нели? Епа ако е така, не го трасирајте, за во него да изгорат многумина други, ни виновни ни должни“!
Во ред, доблесно е што новинарката Бранка Костиќ Марковиќ потоа два пати се извинила. Ама штетата веќе ја направила… За среќа, не е катастрофална и што е најважно, информацијата е „лажна“ или поточно неточна, а и споделена без лоша намера… Само со лоша проценка и непроверена!
Но, токму тоа е она што пак и дава друга димензија на случката, зашто во прашање не е обичен корисник на Фејсбук, туку новинар по вокација, што некои го толкуваат и како срам за професијата! Други велат, секому може да му се случи, ама затоа не треба потоа да се случи уште нешто, што би го нарекле „перење на срамот или совеста“ со бришење на коментарите, односно оставање само на оние кои ја бранат „несреќната“ постапка на новинарката…
Додека оние другите на ФБ ѕидот кај Бранка, повеќе ги нема – завршиле во канта?!
Кога веќе ја признаваш грешката и прифаќаш вината, прифати ја до крај…! И патем за крај, нејзина работа е, ама ќе беше уште подоблесно ако наместо само на јавноста и лично јавно му се извинеше на оној кому му предизвика најголема штета – пејачот на „Меморија“, Апстол Икономов – Поце… А, таков пост со јавно извинување на нејзиниот Фејсбук профил – досега не видовме!
Се на се’, добро е што сета оваа „заврзлама“ е „среќа“ во несреќна забуна, а Апостол Икономов Поце, пејачот на „Меморија“ е жив и здрав и тукушто вратен од викенд.
Тој заедно со останатите членови на бендот се подготвува за големиот, спектакуларен концерт на „Меморија“ во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, кој ќе се случи на 16-ти ноември 2024 година, за кој групата веќе ја започна својата рекламна кампања.
View this post on Instagram
Фото: Инстаграм/vis_memorija/ Facebook/Petar Georgievski – Kamikaza/Branka Kostic Markovic