Мегафон

Ова е програмата и главните ѕвезди на „Тиквешки гроздобер“ 2026 година

Ова е програмата и главните ѕвезди на „Тиквешки гроздобер“ 2026 година

Усвоена е  програмата за „Тиквешки гроздобер 2026“, Жељко Самарџиќ, Де Вито и Џејла Рамовиќ се главни ѕвезди.

Советот на општина Кавадарци, во рамки на својата 11-та седница, денеска официјално ја донесе програмата за претстојната стопанско-туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер 2026“.

Овогодинешното издание на фестивалот, кој веќе го носи приматот за најдобар македонски општински фестивал, ќе се одржи од 4 до 6 септември, ветувајќи тридневна „приказна под отворено небо“ исполнета со традиција, вино и богата забавна програма.
Главната локација за забавниот дел ќе биде Градскиот плоштад во Кавадарци, каде што се очекуваат масовни настапи на познати регионални и домашни музички имиња:

Петок (4 септември):
Вечерта е резервирана за помладата публика и модерните ритми.
Програмата започнува со македонскиот состав Зи Бомб, по што следува настапот на регионалната трап-ѕвезда Де Вито, а вечерта ќе ја заокружи DJ Галовски.

Сабота (5 септември):
Саботната вечер нуди одлична комбинација на поп и рок музика. Публиката ќе ја забавуваат македонските бендови Дупер и Нокаут, а главна ѕвезда на вечерта е легендарниот Жељко Самарџиќ.

Недела (6 септември):
Големото финале на фестивалот ќе го одбележат настапите на младата и популарна Џејла Рамовиќ и познатиот пејач Пеџа Јовановиќ, по што во 01:00 часот по полноќ ќе следува спектакуларен огномет.
Покрај вечерните концерти, „Тиквешки гроздобер 2026“ нуди разновидни дневни содржини со фокус на негување на лозаро-винарските обичаи:

Како централен настан на традицијата- карневалот, ќе се одржи во сабота (5 септември) .
Во недела е планирано и традиционалното Детско карневалско дефиле придружувано од DJ Bono.
Градскиот плоштад ќе биде уреден со брендирани монтажни елементи и шатори наменети за промоција и дегустација на познатите тиквешки вина, ракија, маџун и традиционална храна.
Исто така, во духот на народното творештво ќе биде уредено и Полициското паркче.
Програмата го вклучува кошаркарскиот турнир „Сестри Китеви“ во спортскиот центар „Јасмин“, мото-рели низ градските улици, изложба на олдтајмери на улицата „Илинденска“ и традиционална таблијада.
Во Паркот на револуцијата во текот на трите дена ќе се емитува староградска музика со подготовка на скара. Фестивaлот има за цел повторно да привлече гости од целата држава и регионот и да го потврди статусот на Кавадарци како винска престолнина.

фото:КТВ Телевизија – официјална страна

To top