Она што дискретно го најави Љупка Митрова, гордата сопственичка на новиот моден бренд „Mitroff“ вчеравечер, понеделник 22. јуни 2026 и го реализираше. Презентација на нејзините екстравагантни модели на настан кој наликуваше на оние светските кога е модата во прашање, насловен „Гола меморија“.

Висорамнината со лозови насади лоцирана над македонската престолнина, позната како винарија Камник беше местото на кое летната ноќ во тие неколку часа се претвори во модно волшебство. Специјално поканетите гости од јавниот, културниот, естрадниот, модниот, медиумскиот, па и политичкиот свет, во бел дрес код кој беше (не)задолжителен, беа дел од модното шоу на Митрова, кое по сите параметри наликуваше на оние светските.

Од изборот на локацијата и соодветно декорираниот простор, преку изборот на музиката со вокална пијано изведба за која со своето гласовно умеење беше задолжен македонскиот оперски уметник Иван Наумовски, звукот, осветлувањето, третманот на гостите, послугата… Едноставно се беше однапред совршено осмислено и реализирано.

Логично се служеше сортно бело вино од винската куќа на чија локација се одвиваше ивентот, кој дишеше со гламур, убавина и се разбира врвна модна креација вткаена во мноштвото екстравагантни модели и избор на венчаници спакувани во „Голата меморија“ на Љупка Митрова.

Домаќинката пред стартот на ревијата со снимено видео ги поздрави и повика присутните да заборават на секојдневието, стрестот и проблемите и да му се препуштат на моментот.
Повеќе или помалку познати лица, атрактивни дами и господа уживаа во атмосферата пред, за време и по ревијата која дишеше со екстраваганција и на моделите на брендот и на внимателно одбраните модели кои ги презентираа истите.
Меѓу нив имаше и неколку ултра познати лица како писателката Ксенија Николова, манекенката и модел Бојана Нушкова, македонскиот топ модел со светско реноме Катарина Кики Ивановска или поп пејачката Тамара Тодевска, на пример.
Играта на светлата, синхронизирана со звуците на музиката и чекорите на манекенките создаваа совршена синергија која ја впиваа присутните званици, враќајќи ја назад со неповторлив фидбек огледан во нивните, насмевки, овации и аплаузи.
Истите кулминираа на крајот со изборот на венчаници и дефилето на моделите и секако со појавувањето на платото пред замокот на „првата дама“ на вечерта Љупка Митрова и нејзиниот тим предводен од Сергеј Варошлија, чија модна естетика на нејзината „Гола меморија“ долго ќе остане врежана во сеќавањата, зашто вака гламурозни модни ивенти ретко ни се случуваат.
По завршувањето на официјалниот дел присутните останаа да се дружат и забавуваат уживајќи во прекрасниот панорамски поглед на Скопје и непрегледните лозови насади, уживајќи до крај во убавото вино, пријатната атмосфера и модната пасторала над македонската престолнина која им ја понуди „Голата меморија“ на Љупка Митрова.

Фото и видео: Инстаграм/приватна архива/varoshlijasergej/ljupka_mitrova/






