Музичко-љубовното дуо Eye Cue составено од Бојан Трајковски и Марија Ивановска кои и приватно се во долгогодишна врска, продолжува самоуверено да го гради својот музички идентитет, оставајќи препознатлив печат на естрадната сцена со авторски песни што носат искреност, емоција и современ звук.

Нивното најново остварување, „Мажена“, освен што беше провокација за јавноста, а можеби и 2штик проба“ за она што наскоро приватно подготвуваат, претставува и мало музичко освежување во вид на песна која на духовит и шармантен начин раскажува приказна блиска до секојдневието, но спакувана во лесен и заразен музички израз.

Со внимателно избалансиран хумор и емоција, композицијата остава впечаток уште при првото слушање. Авторството на текстот и аранжманот го потпишува Бојан, додека музиката е заедничко дело на двајцата, што дополнително ја истакнува нивната емотивно-уметничка хемија и синергија.

За „Мажена“ е реализиран и видеоспот во една од најживописните населби во Лондон – Нотинг Хил, позната по својата уникатна атмосфера, боите и урбаниот шарм. Визуелниот дел совршено ја надополнува приказната на песната, носејќи динамика, стил и интернационален дух.

Со овој проект, Бојан и Марија уште еднаш покажуваат дека знаат како да создадат музика која истовремено забавува, комуницира со публиката и останува во мислите долго по слушањето.

„Мажена“ е уште еден чекор напред во нивната музичка приказна – чекор кој ветува дека најдоброто од нив допрва доаѓа. Професионално, а зошто да не и приватно?







