Теа Трајковска продолжува да го разгорува својот музички проект „ASTRO“, а сега пристигна и новото музичко парче кое веќе го привлече вниманието на нејзината публика.
Станува збор за песната „Mi Amor“, која вчера, 7 октомври, ја имаше официјалната аудио-визуелна премиера со која продолжува приказната што Теа ја гради преку својот несекојдневен музички концепт.

Ако се прашувате кому му е посветена оваа песна – одговорот е во ѕвездите! „Mi Amor“ е посветена на родените во знакот Девица, а Теа открива дека станува збор за една од оние песни кои носат посебна емоција и своја приказна.
Пејачката се надева дека публиката ќе ја почувствува „Mi Amor“ на ист начин како и таа во моментот кога првпат ја отпеала.

Зад музиката и аранжманот стои Лазар Цветковски – LCV, додека текстот го потпишува Андреј Трајковски – Traker. Цветковски е задолжен и за миксот и мастерингот на песната.
Но, „Mi Amor“ не доаѓа сама. Песната е надополнета со официјално mood video, зад кое стојат Ивона Трајановска и Леона Трајковска, визуелно надградувајќи ја атмосферата на новата песна.

Ова е втората песна од проектот „ASTRO“, со кој Теа постепено ја открива својата музичка визија – секоја песна е поврзана со еден од хороскопските знаци, па очигледно ѕвездите допрва имаат што да кажат преку нејзината музика.

Засега „Mi Amor“ може да се слушне преку YouTube, додека Теа наскоро ја најавува песната и на Spotify и Apple Music.
А, дали „Mi Amor“ ќе им стане новата омилена песна на Девиците? Останува да видиме…

Во меѓувреме, во продолжение погледнете го официјалното видео за „Mi Amor“ и проверете дали Теа Трајковска можеби ја погодила енергијата токму на вашиот хороскопски знак…






