Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар (МНТ), комедијата „Кец на десетка“, вечер, во 20 часот, ќе одбележи јубилеј – 100-та изведба.
-Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново. Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ. Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување. Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм, наведува МНТ.
Како што оценува МНТ, овој јубилеј потврдува дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
извор:курир.мк
фото:МНТ







