Промотер

Коки Јанков преку музика и вештачка интелигенција ги оживеа спомените на вистинските пријателства – „Виолина и…“ (ВИДЕО)

Коки Јанков преку музика и вештачка интелигенција ги оживеа спомените на вистинските пријателства – „Виолина и…“ (ВИДЕО)

Македонската музичка сцена доби уште еден емотивен  анимиран видеоспот изработен со помош на вештачка интелигенција.  Во прашање е песната „Виолина и…“ на виолинистот Никола Јанков – Коки, песна која тој ја изведе на последното, јубилејно 40-то издание на фестивалот „Макфест 2025“ во Штип. Темата е посветена на неговиот пријател и колега од култното дуо „Дуле и Коки“, Душан Љубисављевиќ – Дуле, кој за жал, прерано не напушти на 23 септември 2013 година.

Премиерата на видеоспотот се случи деновиве, поточно на 16-ти јануари, а зад неговата реализација стои продуцентката Ефтимија Јованова, инаку ќерка на долгогодишниот ПР на „Макфест“, за жал порерано починатиот Трајче Јованов, која со анимација и современи технологии успеа да внесе силна емоција и тивка носталгија всодржината на музиката и стиховите.

За добрите пријателства, спомените, вистинските љубови, за убавите песни… За едни двајца другари“, напиша Коки на социјалните мрежи, објаснувајќи дека оваа песна оддамна чекала вистинска видеоприказна. Интересно е што за „Виолина и…“ постоел и друг, класичен спот, но тој никогаш не бил јавно објавен.

„Нешто ми кажуваше дека треба вакво нешто. Експериментирав, и испадна многу добро. Анимација е, ама со голема емоција внатре“, ќе изјави Јанков.

Музиката и текстот се дело на Јован Јованов, додека аранжманот го потпишува Дамјан Лазаров. Да потсетиме, „Дуле и Коки“ победија на „Макфест“ во 1996 година со легендарната „Виолина и гитара“, песна која стана синоним за едно време и едно пријателство, а оваа доаѓа како логично продолжение на трагично прекинатата професионална соработка и приватна дружба.

Коки веќе најавува и неколку проекти по повод 30 години од „Виолина и гитара“, меѓу кои и двоен албум со 20 песни – дел нови, дел стари, снимани минатото лето во студиото на Темелко Андреев во Велес.

Идејата е да се промовира сè што е ново и да се направи голем концерт“, открива Јанков, кој паралелно со музичката кариера е и професор по виолина во Музичкото училиште во Штип.

„Виолина и…“ денес не е само песна – таа е сеќавање, благодарност и доказ дека вистинските пријателства никогаш не заминуваат. Само добиваат нова форма и нов облик… Каков, погледнете во видеоостварувањето за „Виолина и…“ во продолжение.

To top