Со сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“, во кој се славеа легендите кои го направија Македонскиот народен театар во режија на еден од најдобрите режисери во регионов, Дејан Пројковски, синоќа, на големата сцена, пред преполна сала се прослави големиот јубилеј – 80 години од постоењето на Националниот театар.
Политичари, театарски работници, професори, режисери, лица од јавниот и политичкиот живот беа меѓу гостите на МНТ. Со аплауз и стоечки овации беше награден трудот на целата екипа во која учестуваа повеќе од 60 актери од кои најголемиот дел од ансамблот на МНТ, потоа студенти по актерска игра, оперските пејачи Ана и Игор Дурловски, деца од актерското студио Михајловски, петмина музичари меѓу кои Горан Трајкоски и Сашко Костов изведуваа музика во живо.
Ова не е само прослава на јубилејот туку и силна порака за иднината – дека театарот останува жив простор на дијалог, светлина и заедништво. Вечер што долго ќе се помни како сведоштво за моќта на сцената и нераскинливата врска меѓу уметниците и публиката, велат од МНТ.
Насловот на спектаклот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ е првата реплика изговорена на македонски јазик од актерката Вера Вучкова на 3 Април 1945 година во театарската претстава „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук во режија на Димитар Ќостаров.
Пред почетокот беа прикажни фотографии од претставите одиграни низ годините во МНТ, а националниот театар оддаде почит на сите актери, режисери, директори кои оставиле печат со својата работа низ годините, а не се веќе живи. Спектаклот почна со „Сомнително лице“ на Петре Прличко, „Госпоѓа министерка“ на Мери Бошкова, публиката се присети на Љупка Џундева, а потоа се редеа ликови од драмите на Војдан Чернодрински, Ристо Крле, Васил Иљоски, Ташко Георгиевски, Горан Стефановски, Дејан Дуковски.
Претставата беше аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Емотивна приказна посветена на големите актери, режисери, драматурзи и на сите оние професионалци зад кулисите, задолжени за создавањето на сценскиот универзум во МНТ.
Во драматуршката структура беа користени материјали од: Глигор Прличев, Војдан Чернодрински, Ташко Георгиевски, Ристо Крле, Дејан Дуковски, Горан Стефановски, Блаже Конески, Јордан Плевнеш, Петре. М. Андреевски, Коста Рацин, Браќа Миладиновци, Никола Јонков Вапцаров, Коле Неделковски, Васил Иљоски, Гане Тодоровски, Марко Цепенков, Живко Чинго, Коле Чашуле и Крсте Петков Мисирков. Во сцените кои ја раскажуваат историјата на МНТ користени се и текстови од Бранислав Нушиќ, Исак Бабељ, Н.В. Гогољ, Гордан Михиќ и Александар Корнејчук.
Кореографијата е на Олга Панго и асистент на кореографот е Ирена Лозинска. Асистент на режија е Андреј Цветановски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, за костимите е задолжена Марија Пупучевска, музиката е на композитор: Горан Трајкоски и дизајнер на 3Д-видеомапинг е Сергеј Светозарев.







