Во МКЦ, на истото старо добро место каде во далечната 1984 година ја започнаа својата музичка приказна, плејада оид поранешните и сегашни членови на култната поп-рок група „Меморија“ во кино салата „Фросина“ ја одржаа прес-конференцијата по повод претстојниот концерт во четврток на 25.12. 2025 и го означија свечено отворање на изложба на фотографии насловена: „Времеплов – од црно – бело во боја – Меморија (1983–2025)“.

Со емотивни сеќавања на своите музички почетоци во бендот и интересни случки и анегдоти од времето на нивното членување во „Меморија“, 16 бивши и актуелни музички уметници кои биле дел од групата, говореа пред присутните колеги од музичката фела, бројните претставници на медиумите, членови на семејствата , пријателите.
Секој со своите мисли и впечатоци, во прошетка по спомените од неговото време… Пет генерации музичари собрани од разни периоди членување во еден бенд, едно рок ен рол јато како големо семејство, во единствена хармонија со музиката на „Меморија“ и своето парче креативност кој секој го оставил и вткал во познатите песни на групата.

Не беа заборавени ниту оние кои за жал повеќе не се меѓу нас, а беа дел од бендот како директни учесници, како пејачот од првата рок постава на „Меморија“, покојниот Зоран Илиќ – Зоци, човекот кој прв го отпеа вечниот хит-евергрин, легендарната „Нена“. Бендот постхумно му се забалагодари со една плакета со посвета и примерок од последниот концертен албум, која ја примија членовите на семејството, а чинот беше испратен со стоечки аплауз во чест на Зоци.

Истиот чин, наместо минута молчење, минута аплауз и за легендата на македонското радионовинарство и водителство Драган. Б. Костиќ кој не напушти само два дена пред закажаниот ПРЕСС, требаша да биде почесен модератор на истиот. Во излагањата беше спомнат и Тоше Поп Симонов како еден од првите тон сниматели и продуценти на првите песни на „Меморија“ снимени со неговата опрема во самите нивни зачетоци, кои подоцна бендот не ги изведувал на својот репертоар, но на претстојниот „Ал Старс“ концерт во четврток на 25.12. во МКЦ некои од нив ќе бидат изведени, како „Моја ли си“, „Жорж“, „Утра“, „Пробај да ги затвориш очите“… и секако најголемите хитови од богатиот концертен опус на бендот.

Во четврток на концертниот музички времеплов на „Меморија“ публиката на сцената во „Дансинг салата“ на МКЦ ќе ги види во улога на пејачи: Апостол Икономов – Поце, Александар Стефановски – Јаблан, Ристо Самарџиев и Драган Василевски, потоа Петар Георгиевски – Камиказа на бас гитара, гитаристите: Петар Димовски, Димитар Мичо Божиков, Рубин Димкоски, Ристо Ицо Јовковски, Игор Атанасовски – Гуру Харе, Душан Трпковски – Ринго. Тапанари ќе бидат Антонио Димитриевски и Димитар Мите Димовски, додека зад клавијатурите ќе свират: Нинослав Нино Бошњаковски, Давор Јордановски, Дејан Миновски и Алекандар Хаџипаунов.

Како што кажа и самиот музиачки новинар и ТВ водител Антонио Димитриевски, некогашен член на групата кој беше во улога модератор на ПРЕСС-от, сите членови кои биле дел од „Меморија“ во било кој период од нејзиното членување биле поканети да земат учество на претстојниот концерт.

Само неколкумина заради сериозни здравствени причини лични или на најблиски членови на семејтвото или неодложни веќе закажани обврски во странство, нема да ги видиме на сцената, освен еден од нив – од лични причини!

По зваршувањето на едночасовната ПРЕСС конференција во вид на своевидна „прошетка по спомените“, беше отворена и најавената изложба на фотографии и артефакти ( статуетки, награди, признанија, златни плочи, парчиња гардероба, гитари… од тоа време).

Фотографиите од различни периоди со членови на бендот од разни постави, од концерти, проби и сцени од зад кулисите стилизирани на големи паноа со текстуално појаснување и QR code од песните и видеата од тој период ја раскажуваат приказната за растежот, истрајноста и љубовта кон музиката.

Изложбата претставува визуелно патување низ повеќе од четири децении музичка историја.

Таа опфаќа фотографии од сите членови на бендот, моменти од концерти, ТВ емисии, настапи, проби и незаборавни сцени од нивниот творечки пат од далечната 1983 година, па до денес.

Секоја фотографија носи своја приказна, емоција и сведоштво за времето во кое настанала, за публиката, сцената и духот што го обележуваше и сè уште го обележува бендот.

Изложбата е посвета на музиката, пријателството, истрајноста и љубовта кон сцената…

Но и благодарност до сите генерации публика кои беа и се дел од ова патување, како и поединци од новинарско – водителскиот еснаф и медиуми без кои не може да се гради и создава музичката историја.

А таа како што обзнани и самиот основач и лидер на „Меморија“ – Петар Георгиевски Камиказа, продолжува и во 2026 година со најава на снимање на сосема нов албум на бендот и документарец во повеќе епизоди за историјатот на групата како дел од македонската музичка рок ен рол историја.

Изложбата е отворена во галеријата на МКЦ и ќе трае во наредните пет дена од 22.12. 2025 до 27.12.2025 година за сите заинтересирани посетители, а влезот е слободен.






