Документарниот филм „The Tale of Silyan“ („Приказната за Силјан“) на Тамара Котевска триумфираше на 41. издание на IDA Documentary Awards во Лос Анџелес, освојувајќи ја наградата за најдобар документарен филм и најдобра камера.
„Ова е мојот најличен филм досега. Го посветувам овој успех на сите документарни воини ширум светот“, вели Котевска.
Наградата за најдобра камера оди во рацете на кинематограферот на „Приказната за Силјан“ – Жан Дакар.
IDA признанијата важат за едни од највлијателните во светот на документарниот филм и се сметаат за еден од најсилните индикатори за успех во оскаровската трка. Добитниците многу често се наоѓаат меѓу номинираните, но и меѓу добитниците на Оскарите.
Овој успех ги зацврстува шансите на „Силјан“ во двете категории во кои се натпреварува во претстојната оскаровска сезона.
Потесниот избор за Оскарите (short listed) ќе биде објавен на 16 декември, а финалните номинации на 22 јануари 2026 година.
Филмот, откупен од National Geographic Documentary Films, веќе предизвикува силен меѓународен интерес и го поставува македонското документарно творештво на значајно место во глобалниот филмски простор.







