После долго боледување, денеска на Велики Четврток, почина таткото на Тоше Проески, Никола. Веста на социјалните мрежи ја сподели неговата ќерка, Дора Проеска.
-Светол патот, татко мој – напиша таа.
По трагичното загинување на нивниот син Тоше, Доминика и Никола, живееа повлечен живот и не се појавуваа во јавност.
Тие немаа сили да бидат дел од низата настани кои се организираа во чест на Тоше.
Не присуствуваа ниту на концертот посветен на Тоше кој се одржа во Скопје во 2018 година, а на кој настапи неговиот внук Кристијан, бидејќи, како што тогаш раскажа нивниот зет Славен кој беше еден од организаторите, многу им е тешко и болката по сите изминати години не поминува ниту пак се намалува.
Крушевчани велат дека тие немале сили ниту да влезат во спомен куќата на нивниот син на Гумење.
Семејството Проески се’ уште нема објавено детали за последното испраќање на таткото на македонскиот музички ангел Тоше.