Од првите музички чекори во 1983 година, преку периодот на афирмација и создавањето на препознатливиот звук, до големите концертни враќања во последниве години, „Меморија“ изгради статус што не се мери само со бројот на албуми или настапи. Нејзината вредност е и во фактот што песните продолжија да живеат и во периодите кога групата не беше постојано присутна на сцената.
На 23 октомври 2026 година, во арената „Јане Сандански“ во Скопје, „Меморија“ повторно најавува голема концертна приказна, овојпат под концептот „Од историја до Меморија“. Според најавите, тоа нема да биде само пресек на кариерата на групата, туку и музичко патување низ корените и развојот на македонската рок-сцена. Ова е приказната за бендот кој од една музичка идеја прерасна во еден од препознатливите симболи на домашната поп-рок култура.
1983–1985: Почетоците, првата песна и раѓањето на едно музичко име

За да се разбере приказната на „Меморија“, мора да се вратиме во првата половина на осумдесеттите години, во време кога македонската поп и рок-сцена постепено го оформуваше својот препознатлив идентитет во рамките на тогашната југословенска музичка индустрија.
Младите музичари сакаа да создаваат сопствени песни, да настапуваат пред домашната публика и да изградат звук што ќе биде препознатлив и надвор од Македонија. Во таква атмосфера почнува да се оформува приказната на „Меморија“, со Петар Георгиевски – Перо Камиказа како клучна фигура во нејзиното создавање и подоцнежно опстојување.
1983 година е особено важна затоа што од неа се датира првата песна на групата – „Моја ли си?“ Таа нумера, во раниот период, имала поинаков, поизразено техно-поп и денс призвук од звукот по кој бендот подоцна ќе стане познат. На концертот во МКЦ во декември 2025 година, песната повторно беше изведена во нов аранжман, со што симболично се споија почетокот и сегашноста на групата.

Важно е да се направи разлика меѓу првата песна и оформувањето на групата како стабилен рок-состав: во различни биографски извори како година на основање се наведува и 1984. Затоа, 1983 година најточно се поврзува со почетокот на музичката приказна како музика знаправена за потребите на театарска претстава и првите снимени материјали, додека следниот период е време на градење на бендот.
Во раните години, „Меморија“ не била состав со непроменливи членови. Напротив, низ нејзината историја се менувале музичари, вокали и инструменталисти. Токму оваа подвижност ќе стане една од карактеристиките на групата, но и причината поради која нејзината историја не може да се сведе на една постава.

„Нена“ – првиот голем пробив
Во 1984 година песната „Нена“ станала еден од клучните моменти во раниот развој на групата. Според сведоштвата за тој период, песната привлекла значително внимание и отворила можност за пошироко претставување на бендот на тогашниот југословенски пазар.
„Меморија“ добила понуда да снима албум за белградскиот „Југотон“, но идејата за препевање на песните на српскохрватски јазик не била прифатена од Перо Георгиевски. Намерата била да се зачува изворниот јазик и природниот ритам на стиховите. Оваа одлука често се истакнува како важен момент во определувањето на идентитетот на групата.
Така, уште пред да го издаде својот прв студиски албум, „Меморија“ почнала да гради нешто повеќе од локална популарност: сопствена музичка физиономија, врзана за македонскиот јазик и домашната публика.

1986–1988: Концертите, музичарите и созревањето на бендот
Средината на осумдесеттите е период во кој групата се градела првенствено преку свирење во живо, проби, нови соработки и барање на најсоодветната комбинација од музичари од кои првата рок постава ја сочинуваат: Петар Георгиевски-Камиказа – бас, Антонио Димитриевски-тапани, Зоран Илиќ – Зоци -вокал, Дејан Миновски-сајзер, Душан Трпковски-Ринго-гитара.
Во една од поставите од 1986 година, на пример, настапувале со Александар Стефановски – Јаблан на вокал и гитара, Игор Атанасовски – Харе на гитара, Антонио Димитриевски на тапани, Нино Бошњаковски на клавијатури и Перо Георгиевски на бас. Овој состав е еден од примерите колку различни музичари учествувале во развојот на бендот.
Еден од забележителните настапи од тој период бил концертот во Градиште, кај Охрид, во 1986 година. Перо Камиказа подоцна се присетувал на огромната посетеност, на публиката на брегот и на луѓето што го следеле концертот и од кајчиња на езерото. Тоа сведочи дека групата веќе имала публика подготвена да ја следи и надвор од градските концертни сали.

Во тие години „Меморија“ постепено го оддалечувала својот звук од почетните поп-ориентации и се движела кон поизразен поп-рок, со гитарски партии, мелодични вокали и рефрени што можеле лесно да се запомнат.
Но зад подоцнежниот успех стоеле и многу помалку видливи моменти: менување на поставата, барање соодветен вокал, организација на настапите и создавање репертоар што ќе може да ја одржи публиката и пред објавувањето на првиот голем албум.
Овој период е важен затоа што „Меморија“ не се родила како готова легенда. Таа се изградила низ години на работа и експериментирање.
1989: „Оган под ѕвездите“ – албумот што го означи пробивот
Ако треба да се посочи една пресвртница во раната кариера на „Меморија“, тоа е 1989 година и објавувањето на деби-албумот „Оган под ѕвездите“.
Албумот, објавен во девет песни, како прво винилно издание под патронатот на Музичко ксетната продукција на тогашшното РТС (Радио-телевизија Скопје), денеш МРТ, ја зацврстил позицијата на групата на домашната сцена и станал основа за нејзиното подоцнежно култно место во македонскиот поп-рок. Во него се наоѓаат композиции што ќе продолжат да се слушаат и со децении подоцна.
Меѓу песните на албумот се:
„Бејби, бејби“
„Шушки“
„Оган под ѕвездите“
„Уличарка“
„Пробај да ги затвориш очите“
„Среќна Нова“
„Одам засекогаш“
„Нена“
„Град“

Албумот го обединуваше она што на групата ѝ беше најсилно: мелодичноста на поп-музиката, енергијата на рокот и стиховите што лесно наоѓаа пат до слушателот.
Особено значајно е што „Оган под ѕвездите“ се поврзува со објавување преку музичката продукција на Македонската радио-телевизија. Во историските осврти за групата се посочува како значаен момент за домашното издаваштво, во период кога македонските изведувачи се обидуваа да добијат посилна институционална поддршка за сопствената музика.
Зошто овој албум е толку важен? Затоа што не станува збор само за збирка песни. Тој е звучен документ на една генерација, на времето кога македонскиот поп-рок добивал сè поцврст идентитет и кога бендовите се обидувале да изградат долгорочна врска со публиката.
Песната „Оган под ѕвездите“ ќе стане еден од најпрепознатливите белези на „Меморија“. А „Одам засекогаш“, „Нена“, Бејби бејби… и другите композиции ќе продолжат да живеат како дел од концертниот репертоар и носталгичната музичка меморија на публиката. Тоа е првиот голем доказ дека „Меморија“ може да создаде песни што ќе ја надживеат епохата во која настанале.
1990–1991: „Октомвриски дождови“, „Илјада песни“ и независноста на Македонија
Ако првиот албум го означил пробивот, почетокот на деведесеттите бил период во кој „Меморија“ почнала да добива и пошироко културно значење. Тоа биле години на големи општествени промени, распаѓањето на Југославија и создавањето на независна македонска држава.
Во 1990 година групата го објавила албумот „Октомвриски дождови“, со кој продолжила да го развива својот препознатлив поп-рок звук. Меѓу композициите поврзани со овој период е „Илјада песни“, а во репертоарот на бендот се вбројуваат и „Македонија“ и „Возови“.
Особено интересен момент од историјата на вториот албум е приказната за натписот „Made in Macedonia“. Перо Георгиевски подоцна раскажувал дека по неговото појавување на плочата следувало полициско испрашување поради сомневање за национализам. Ова сведоштво ја илустрира атмосферата во која македонскиот национален идентитет сè поотворено се изразувал и преку музиката.
8-ми Септември 1991 – музиката во еден историски момент
Еден од најзначајните настапи во пошироката биографија на „Меморија“ е поврзан со прославата на независноста на Македонија на 8-ми Септември 1991 година.
На плоштадот во Скопје, во атмосфера на еуфорија и историска неизвесност, групата настапувала пред граѓаните што ја прославувале одлуката за самостојна држава. Перо Камиказа подоцна се присетувал на огромниот број присутни и на емоциите од таа вечер.
Токму ваквите моменти покажуваат зошто историјата на „Меморија“ е поголема од обична дискографија. Групата не била само дел од музичката сцена, туку и изведувач чии настапи се вкрстувале со настани што останале запишани во колективното сеќавање на земјата.
1992–1995: „Зошто Боже“, „Петка“ и нови музички поглавја
Деведесеттите донеле нови предизвици. Македонија се осамостојувала, музичкиот пазар се менувал, а домашните изведувачи морале да се приспособат на нови услови за снимање, издавање и концертна работа.<
Во 1993 година „Меморија“ го објавила албумот „Зошто Боже“, уште едно важно издание во нејзината дискографија. Во него се надоврзува линијата на емотивни, мелодични композиции по кои групата ја препознаваше публиката.
Во 1995 година следувал албумот „5“, познат и како „Петка“. Во овој период во групата Ристо Самарџиев како вокалист ќе го замени Апостол Поце Икономов , а промените во вокалната постава дополнително го менувале начинот на кој звучеле песните и настапите.

Пет вокални личности, еден препознатлив бенд
Една од интересните особености на „Меморија“ е што низ различните периоди имала повеќе пејачи. Тоа не е само статистички податок, туку важен дел од нејзиниот развој.
Секој вокал носел различна боја и интерпретација, а некои песни со текот на времето добивале нов концертен живот. Затоа и денес, кога се зборува за „Меморија“, многу обожаватели имаат свои омилени периоди и постави.

Истовремено, Перо Георгиевски – Камиказа останал константата околу која се поврзувале различните генерации музичари. Во повеќе осврти за групата се наведува дека тој е основачот и единствениот постојан член низ нејзината повеќедецениска историја.

Средината на деведесеттите: паузата што не ги избриша песните
По активниот период на издавање албуми и настапи, „Меморија“ постепено се повлекла од континуираната концертна работа. Во биографските прегледи на групата како еден од пресудните моменти се споменува неуспешниот концерт во Универзалната сала во зимата 1996 година, по кој активноста на бендот запрела.
Зад ова стоеле и практични причини. Во интервјуата членовите зборувале за ограничениот домашен пазар и за тешкотијата музичарите да живеат исклучиво од музика во тогашните услови. Но, паузата во активноста не значела и исчезнување од музичката меморија.
Песните продолжиле да се слушаат на радијата, да се пренесуваат од генерација на генерација и да се враќаат во јавниот простор преку ретроспективи, музички емисии и подоцнежни концертни изведби. Тоа е една од најинтересните појави во историјата на групата: нејзината популарност не зависела исклучиво од постојаното објавување нови песни. Дел од репертоарот веќе стекнал сопствен живот.
2017-тата: Враќање во иднината на рок-легендата
Враќањето на „Меморија“ на сцената во новото време беше потсетник дека интересот за нејзината музика не исчезнал. Групата повторно се појавува пред публиката, а старите песни добиваат нови концертни верзии. Меѓу настапите од овој период е и концертот во Метрополис арената во 2017 година, од кој подоцна беше објавена и концертна верзија на „Дирлада“. Важноста на ова враќање не беше само во носталгијата. „Меморија“ повторно ја доближи својата музика до помладите слушатели, кои дел од песните ги откриваа преку семејството, интернетот и концертите, а не преку првичното издавање на плочите.
Во меѓувреме, составот продолжи да се менува, но основната идеја остана иста: Да се зачуваат песните, да се изведуваат со жива енергија и да се одржи врската со публиката.
2024: „40 години Меморија“ – големото враќање во „Борис Трајковски“
На 16 ноември 2024 година, „Меморија“ одржа голем јубилеен концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, под мотото „40 години Меморија“.
Настанот беше замислен како музичка временска машина, со песни што го одбележаа развојот на групата и со гости од различни делови на македонската музичка сцена.
Тогашната концертна постава ја сочинуваат оние кои и денес се актуелни членови на бендот:
Петар Георгиевски – Камиказа, бас
Апостол Икономов – Поце, вокал
Ристо Самарџиев, вокал
Сашо Ангелов, тапани
Давор Јордановски, клавијатури
Рубин Димкоски, гитара
На сцената им се придружија и гости како Андријана Јаневска, Ружица и Ивица од „Ареа“, Дани Димитровска, Сара Мејс, Александра Илиева, Филип Николоски и други музичари. Концертот вклучуваше и посебни аранжмански решенија, со харфа, саксофон, зурла и оркестарски придружби.
Песните што ја раскажаа историјата

Репертоарот ги опфати песните „Оган под ѕвездите“, „Бејби, бејби“, „Нена“, „Одам засекогаш“, „Зошто Боже“, „За тебе“, „Македонија“, „Илјада песни“, „Дирлада“ и многу други.
Посебен момент беше изведбата на „Оган под ѕвездите“ со пијано и харфа и „Возови“ со саксофон придружба, како и настапите со гостите што на старите композиции им дадоа поинаква звучна димензија, додека секоја песна беже збогатена со специјално изработени видеоанимации и ефекти.
Концертот покажа дека „Меморија“ не мора да се потпира само на сеќавањата за да ја привлече публиката. Нејзините песни и натаму можат да функционираат како големо заедничко пеење, без оглед на возраста на присутните.
2025: тројниот албум во живо и изложбата „Времеплов, од црно-бело во боја“
Во мај 2025 година, концертниот успех од претходната година доби трајна форма со објавувањето на „Меморија 2024 Live“.
Албумот излезе во два формата: троен винил со 21 песна и двојно ЦД со 25 нумери, вклучувајќи ги и изведбите на специјалните гости. Музичката продукција ја потпишаа Мите Димовски и Давор Јордановски, а тонската обработка ја изработи Евгениј Каревски. Изданието беше реализирано преку КЛС-продукција во ограничен тираж.
Тројниот винил има и симболична вредност. Во време кога музиката најчесто се слуша преку дигитални платформи, групата одлучи еден голем концерт да го зачува во физичко издание што може да остане дел од колекцијата на обожавателите.
Декември 2025: МКЦ како временска машина

На 25 декември 2025 година, „Меморија“ се врати во Младинскиот културен центар во Скопје со концерт на кој настапија 16 музичари што свиреле во различни периоди од историјата на бендот.
Концертот симболично почна со „Моја ли си?“, изведена од основачите Перо Камиказа и клавијатуристот Дејан Миноски. Потоа следуваа настапи со различни поранешни членови, меѓу кои Антонио Димитриевски, Дуле Трпковски-Ринго, Нино Бошњаковски, Ицо Јовковски, Александар Стефановски-Јаблан, Игор Атанасовски – Харе, Пеце Димовски, Драган Василевски, Александар хаџипаунов, Мичо Божиков…
Во втората половина настапи составот со Камиказа, Мите Димовски, Давор Јордановски, Рубин Димкоски и вокалите на Поце Икономов и Ристо Самарџиев. Публиката особено емотивно ги прифати „Оган под ѕвездите“, „Зошто Боже“ и „За тебе“, додека „Дирлада“ донесе кулминирачка атмосфера.

Во истиот период беше поставена и изложбата „Времеплов – од црно-бело во боја“, со фотографии од 1983 до 2025 година, која ги документираше различните состави, концертите, пробите и значајните моменти од развојот на групата.
Ова беше повеќе од носталгичен концерт. Беше средба на различни генерации музичари и симболично признавање дека историјата на „Меморија“ ја создале сите што во различни периоди биле дел од неа. Секој од нив оставил свое „парче душа“ во бендот, вметнал своја коцкичка во музичкиот мозаик што го сочинува звукот на групата.
„Од историја до Меморија“ – големата вечер на 23 октомври

По јубилејниот концерт во „Борис Трајковски“ и музичкиот времеплов во МКЦ, „Меморија“ најавува ново големо поглавје.
На 23 октомври 2026 година, во арената „Јане Сандански“ во Скопје, групата ќе настапи со концертниот концепт „Од историја до Меморија“. Според најавите од организаторите и медиумите, настапот е замислен да трае речиси три часа и да ги поврзе песните на бендот со пошироката историја на македонската рок-музика.
Она што го издвојува овој концерт е поширокиот концепт. Наместо да биде исклучиво ретроспектива на сопствените хитови, вечерта треба да ги опфати и музичките корени од кои произлегла домашната рок-сцена. Во најавите се споменуваат песни и музички моменти од шеесеттите, седумдесеттите и раните осумдесетти години, кои ќе бидат поврзани со периодот на настанувањето и афирмацијата на „Меморија“.
Меѓу најавените гости се Давид Темелков, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Бени Шаќири со Нон Стоп, музичари -членови на „Бон-Тон“ и култните „Бис-Без“, како и други имиња од македонската сцена. Посебен сегмент ќе биде посветен на прерано починатиот музичар, композитор и продуцент Тоше Поп Симонов, преку изведби на негови антологиски песни.

Документарен серијал во 12 епизоди
Паралелно со концертот, се работи и на документарен серијал посветен на „Меморија“ и развојот на македонската рок-музика. Проектот е замислен во 12 епизоди, со почетоци што се враќаат во раните години на домашниот рок, па сè до современата сцена.
Ваквиот проект има посебна вредност затоа што историјата на музиката не се состои само од објавени албуми и хитови. Таа е составена и од личните сведоштва на музичарите, концертите што ја обликувале публиката, промените во издаваштвото, условите во кои се создавале песните и приказните што често не биле забележани во официјалните хроники.
Ако концертот на 23 октомври треба да ја претстави таа историја на сцена, документарниот серијал има потенцијал да ја зачува и за идните генерации.
Наместо крај – „Меморија“ е повеќе од спомен
Четириесет и три години по првите музички чекори, „Меморија“ не е само име што буди носталгија кај оние што растеле во осумдесеттите и деведесеттите. Таа е дел од музичкото наследство што продолжува да се пренесува и на новите генерации.
Од „Нена“ до „Дирлада“, од „Оган под ѕвездите“ и „Зошто Боже“ до „За тебе“ и големиот концерт во „Борис Трајковски“, од интимниот времеплов во МКЦ до претстојната вечер во „Јане Сандански“ – приказната на групата е приказна за безвременското постоење на песните.
Затоа концертот на 23 октомври 2026 година има потенцијал да биде повеќе од уште еден настап. Тој е можност да се потсетиме од каде почнал македонскиот поп-рок, кои музичари го граделе и како нивните песни станале дел од животите на толку многу луѓе. Зашто некои бендови оставаат само албуми зад себе, а „Меморија“ остави песни што публиката ги носи со себе.

Деновиве им бевме на гости… Со цел бенд на муабет, лице в лице со секој член поеднечно во една просторија, во „НИШТО ЛИЧНО“ – цела „МЕМОРИЈА“.
Премиерата оди вечерва, СРЕДА, 21-ти октомври со почеток во 20.00 часот, ексклузивно само на YouTube каналот на КурирМК (







