Кога музиката ќе ги каже и оние нешта за кои понекогаш зборовите се немоќни, се раѓа приказна што допира до срцето. Токму таква е „Нов свет“ – новата песна и видеоспот зад кои стојат Јована Богданоска, Мики Секуловски и „Маестро бенд“, музичка соработка исполнета со емоции, искреност и моќни вокални интерпретации.

Новата музичка приказна веќе е достапна на YouTube-каналот на „Македониум“, а зад музиката, текстот, аранжманот и комплетната аудиопродукција се потпишува Темелко Андреев. Јована Богданоска, која заедно со Мики Секуловски ја изведува песната, не ја криеше возбудата по објавувањето на проектот, откривајќи дека во „Нов свет“ се вградени многу лични чувства и доживувања.

„„Нов свет“ – песна во која оставивме дел од душата, емоциите и зборовите што понекогаш е тешко да се кажат гласно“, сподели Јована, испраќајќи ја песната кон публиката со желба секој да ја почувствува на свој начин и да пронајде дел од сопствената приказна.

„Можеби токму музиката е местото каде што сите можеме да создадеме еден нов свет…“, порачува таа, заблагодарувајќи им се на сите што ја следат и ја чувствуваат нејзината музика.
А кога ќе се спојат вакви вокали и музичари, приказната добива дополнителна димензија! Покрај Јована и Мики, за богатиот звук се погрижија членовите на „Маестро бенд“. Оливер Тевчев ги свири гитарите и бас-гитарата, Илија Филиповски е задолжен за виолината, Војче Петрушев за хармониката, а Александар Тренкоски за кларинетот.

Во придружните вокали, покрај Мики Секуловски, се вклучени и Емилија Алексоска, Ангела Влинтовска и Темелко Андреев. Андреев ги потпишува и миксот и мастерингот, додека снимањето и продукцијата се реализирани во „Sidechain Production“.

Ниту визуелниот дел не е оставен на случајноста. Темелко Андреев стои зад сценариото, режијата, видеомонтажата, визуелните и звучните ефекти, како и постпродукцијата. На снимањето работеле Иво Иванов од „Studio Penta“ и Андреев, за шминката се погрижила Андријана Андреева од „Beautyanica“, а костимографијата е дело на Зорица Богданоска.

Со благодарност за заедничкиот проект се огласи и Мики Секуловски, кој му се заблагодари на Темелко Андреев за поканата и укажаната доверба, но и на Јована Богданоска и „Маестро бенд“ за прекрасното музичко искуство.
„Чест и задоволство ми е што заедно создадовме нешто посебно“, порача Секуловски.

Со „Нов свет“, музичката екипа испраќа порака дека музиката може да допре таму каде што зборовите понекогаш застануваат. А дали оваа емотивна приказна ќе ве освои уште од првото слушање и ќе ве однесе во некој ваш, поинаков свет – останува да откриете сами.

Погледнете го видеоспотот за „Нов свет“ во изведба на Јована Богданоска и Мики Секуловски, со музичка придружба на „Маестро бенд“ во продолжение…






