Мегафон викенд за очи, уши и душа...

„Октобарфест“ на Културното лето во Ѓорче Петров – полн погодок: Уште еден викенд за забава, музика, дружење, пиво…

„Октобарфест“ на Културното лето во Ѓорче Петров – полн погодок: Уште еден викенд за забава, музика, дружење, пиво…

Годинешното Културно лето 2025 во општина Ѓорче Петров викендов финишира.

Фестивалот на пивото „Октобарфест“ се покажа како полн погодок.

Настан кој уште повеќе ги сплоти  граѓаните на Ѓорче, но и мноштво скопјани од другите општини, кои  во изминатите два дена масовно доаѓаат и сами и со своите семејства и дечиња, на добра забава, дружење, муабет, одлична музика, мезење и многу пиво.

Така беше последниве септемвриски денови, така ќе биде и следниве два дена (сабота – 20 и недела – 21 септември) кога програмата ќе биде уште побогата и поразновидна.

Од акустика, поп и (т)рап, преку класична музика за деца и брас изведби,  до изворен фолклор, културно уметнички друштва и ансамбли, како и кино проекции на македонски играни филмови.

На 20-ти септември (сабота), програмата започнува веќе напладне, во 12.00 часот со детски содржини. Поточно со концертот на гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска и проектот „Да ни биде животот песна“ со изведба на класична музика за деца.  По неа, од 13,00 часот  следи детската интерактивна претстава со „Фамилија Металковци“.

Вечерниот дел на програмата од третиот ден на „ОКТОБАРФЕСТ“ започнува во 18.00 часот со изведбата на квартетот тромбони „Макбрас“. По нив, од 19.00 часот свој настап ќе имаат „Acoustic Solutions“, додека од 20.00 часот ќе настапи младиот македонски пејач Огнен Здравковски. За крај како јаготка на „пивскиот слад“, од 21.30 часот публиката со свој концерт ќе ја забавуваат Кун и Тонито, попознати како членови на мегапопулрното трап дуо „2Бона“.

 

Последниот ден од викендот,  недела, 21-ви септември во Културното лето во Ѓорче Петров е резервиран за една поинаква содржина, со почеток од 12.00 часот напладне во организација на ЕФЗ “Седум осмини“! Во прашање е традиционалната манифестација „На гости во Ханриево“ (старото име на општина Ѓорче Петров), со настап на повеќе фолклорни ансамбли, културно-уметнички друштва, фоклорни инструменталисти и пејачи…

Вечерта завршува со филмска програма од серијалот „Летно кино во Ѓорче“ со проекција на два култни македонски филма. Најпрвин „Бунт на куклите“ во режија на Димитрије Османли и  потоа „Хај – Фај“ на режисерот Владимир Блажевски.

Се на се’, културно уметничка и забавна програма со понуда во која има избор и солуции за сите вкусови и сите генерации. Уште еден викенд за очи, уши и душа за жителите на Ѓорче, но и на сите други отстрана дојдени скопјани или гости од било кои други градови, како и сите странци – добронамерници.

To top