Живот и стил

Денес готвиме: Египетска торта – богат десерт со ореви, карамел и нежен фил

Денес готвиме: Египетска торта – богат десерт со ореви, карамел и нежен фил

Состојки

1. За трите кори
– 9 белки
– 9 лажици шеќер
– 9 лажици мелени ореви
– 3 лажици брашно

Состојките се делат на три еднакви дела за да се испечат три кори.

2. За жолтиот фил
– 9 жолчки
– 9 лажици шеќер
– 3 кесички ванилин шеќер
– 3 лажици брашно или густин
– 700 мл млеко
– 200 г путер на собна температура

3. За путер-кремот
– 200 г путер
– 150 г шеќер во прав
– 100 г мелени печени лешници

4. За крцкавиот карамел со лешници
– 150 г шеќер
– 150 г печени, сечкани лешници

Подготовка

1. Подгответе ги корите
Изматете 3 белки во цврст снег, постепено додавајќи 3 лажици шеќер. Потоа внимателно вмешајте 3 лажици мелени ореви и 1 лажица брашно. Смесата ставете ја во калап обложен со хартија за печење и печете на 170°C околу 10–13 минути, зависно од рерната. Повторете ја постапката уште двапати.

2. Сварете го жолтиот фил
Изматете ги жолчките со шеќерот, ванилиниот шеќер, брашното и малку од млекото. Останатото млеко загрејте го, па додајте ја смесата со жолчки. Варете на умерена температура со постојано мешање додека да се згусне. Оставете го кремот целосно да се излади.

3. Подгответе ги кремовите
Изматете 200 г омекнат путер и постепено додавајте го изладениот жолт фил. Во посебен сад изматете ги преостанатите 200 г путер со шеќерот во прав, а потоа додајте ги мелените печени лешници. Ќе добиете два богати крема.

4. Направете крцкав карамел
Растопете го шеќерот во суво тавче на умерена температура додека да добие златно-кафена боја. Додајте ги лешниците и промешајте. Смесата распоредете ја на хартија за печење и оставете ја да се излади. Потоа искршете ја или сомелете ја на помали парчиња.

5. Филувајте ја тортата
Ставете ја првата кора, нанесете дел од жолтиот крем, па дел од кремот со лешници и карамел. Повторете со втората кора и завршете со третата. Преостанатиот крем распоредете го одозгора и од страните, а тортата украсете ја со крцкавиот карамел.

фото:Magnific

To top