Македонскиот пејач Ламбе Алабакоски по се’ што му се случуваше откако условно беше осуден за чинот на палење на портата на контроверниот бугарски клуб во Битола, ја одработе турнејата од првото издание на проектот „Македонијо во срце те носиме“, па недолго потоа одново замина назад во САД, каде последната деценија живееше.
Но пред почетокот на летово, еве го Ламбе назад дома, во родната Македонија. И овој пат пејачот е дел од второто продолжение на проектот „Македонијо, во срце те носиме“ каде веќе ја промовираше стилизираната изведба на песната што во далечната 1994 година на фестивалот Валандово ја отпеа легендарниот Гоце Николовски, сега е спакувана во ново руво, насловена „Како пиреј“.

Токму како пиреј се и некои работи како љубовта кон татковината, но и за нашите најмили која ја носиме длабоко во срцата, љубов која никој не може да ни ја искорне од душата.
Една е мајка, велат, зашто од нејзината утроба излегуваш и цел живит си нераскинливо врзан како со невидлива папочна врска за онаа што те родила. Од самото раѓање па до самиот крај на животот. И додека е жива, но и тогаш кога повеќе физички не е покрај тебе, тогаш кога повеќе ја нема, сепак… неизмерно ја има. И кога не е повеќе тука, најприсутна е тогаш… Особено во тешките мигови и животни одлуки, нејзините зборови ти се постојано во твоите мисли како поуки вткаени во сеќавања кои никогаш не бледеат, за те водат на вистинскиот пат.

Затоа и важните датуми никогаш не се забораваат… Така и Ламбе не го заборави овој ден, датумот на нејзиниот роденден, иако небесен, за него многу важен.
Со една црно-бела фотографија од младоста на неговата мајка и годините на нејзиното раѓање и заминување, Ламбе се потсети на датумот на кој неговата мајка била родена.

„Среќен Небесен роденден Мама… 1964-2006 год.“ – споделил пејачот од родното Љубојно во описот на фотографијата, под која го додал линкот од лирик видеото со песната на Каролина Гочева – „Кој да ми запее“, како симболичен опис на чувствата кои сега го обземаат и тлеат во неговата душа.
Инаку, кога неговата мајка Маријана почина по тешкото боледување, тој беше едвај полнолетен и имаше само 18 години. Таа почина млада, имаше само 42 години, а во тој период Ламбе беше во Атина, Грција, на Евровизија, каде беше дел од придружната екипа на Елена Ристеска која ја преставуваше Македонија со песната „Нина најна“.
Фото: Јутјуб/ Ламбе Алабакоски-Како пиреј/Фејсбук/





