На 13. и на 14. декември во скопскиот хотел „Мериот“ ќе се одржи престижниотвинскиот салон „Винодонија“, кој ќе трае двата дена од 15 до 21 часот.
Ова ќе биде осмо издание на Винодонија за кој организаторите велат дека врвот на посетеност го постигнал по пандемијата, во 2022. Минатата година, за два дена го посетиле околу 1.600 луѓе.
Ќе бидат изложени вина од над 70 домашни и странски винарии, со над 500 разлилчи вински етикети. Годинава, специјални гости се винарии од Србија и од Унгарија кои ќе одржат предавања со дегустации.
„Мастер класови кои ќе ги одржуваат познати енолози ќе има двата дена, од 11,13,15 и 17 часот. Ќе има и предавања од доктори, и изложувачи на храна која ќе можат да ја пробаат посетителите во соработка со ‘Слоу фуд“, велат организаторите.
Проект-менаџерот на овој настан, Дејан Донев, инаку, голем познавач и љубител на виното, на ПРЕС брифингот со новинарите во „Винска соба“ ја најави програмата и работилниците, меѓу кои и најнесекојдневната и најуникатната работилница годинава.
Станува збор за вечно популарната тема за односот помеѓу виното и кардиоваскуларното здравје, а низ неа ќе не води кардиологот д-р Емилија Лазарова од Универзитетска клиника за кардиологија.
Таа ќе не запознае со некои помалку познати факти за влијанието на умереното консумирање вино врз срцето и неговата комплексна структура и функција, разбивајќи одредени митови кои сме ги негувале досега.
Ќе ја запознаеме и винска Унгарија, но и новоформираните вински сорти од Србија. Тука е и големата вертикална дегустација на Merlot Single Vineyard на винарија Камник, а ќе се најдеме и во долината на винската среќа дегустирајќи вина од северна Рона, Франција. Директорот на Винодонија, сомелиерот Александар Вучковски, ќе не внесе повторно во светот на винските меурчиња, а заедно со проф. д-р Климе Белески од Земјоделскиот факултет ќе не запознаат со Ризлингот – сорта за префинети и долговечни вина.
Освен едукативните работилници и извонредниот избор на вина, Винодонија 2024 и оваа година ќе има специјален гастрономски дел, кој ќе го заокружи винското уживање.
Работното време на салонот во двата дена од одржувањето ќе биде од 15 до 21 часот. Картите се во ограничен број, а можете да ги купите онлајн (https://vinodonia.mk/) по цена од 1.000 денари за секој ден посебно, или на самиот влез пред почетокот на настанот, по цена од 1.200 денари.
Ќе има и музичка програма двата дена, Ди-Џеј Самоил Радински во петок и Swing 42 Quartet во сабота.