Фасцинантно, величествено, бравурозно, незаборавно… се редеа епитетите на излелегувањето од арената „Борис Трајкоивски“ по концертот на легендарната македонска група „Меморија“, која во саботата, на 16.11. 2024 приреди вечер за паметење. Не само заради одличната и беспрекорна музичка изведба, што е и очекувано од вака искусни музичари, туку заради тоа што концертот на „Меморија“ беше многу повеќе од обична рок ен рол забава.
Зашто таа вечер бендот понуди вистинска концептуална мулутимедијална, аудио-визуелна претстава, во која се испреплетуваа фасцинантните видеопроекции на специјално подготвените видеоприказни за секоја од песните, светлоснните бои на рефлекторите и скенерите и она што се случуваше на сцената. Музички и драматуршки, како една аудиовизуелна претстава која ретко кој што доаѓа и однадвор ни ја понудил. Ерупција од емоции и наплив од патриотизам за комплетно уживање во една незаборавна концертна рок ен рол забава за сите генерации, каква што ретко се гледа и се доживува.
Дека ќе бидеме сведоци на незаборавна вечер најавија уште во делот на загревањето на публиката, гостите од прилепската кавер група „ The Four“ со својот 40 минутен пакет од изведби на најголемите македонски хитови од разни изведувачи. Публиката почна уште со нив да се загрева и да пее како одличен вовед за она за што е дојдена и малку потоа ќе следува.
Уште со првите звуци на сајзерите и воведното гитарско соло на брилијантниот Рубин Димкоски во преработката на „Параходот“…, почна да се чувствува патриотскиот набој кој ќе го следи концертот од почетокот до самиот крај.
Екот на тапанот на дамата во црвено Тијанче Илова и писокот на зурлата на Бранко Ѓоргиев оплеменети со фасцинантната видео анимација почнуваат да ја ежат кожата, а кулминацијата настанува кога на сцената се појавува Андријана Јаневска со својот безвременски вокал… Чувство како некоја космичка енергија да ја облева салата, додека чудна убавина ви ја милува душата.
На пејачката на сцената и се придружуваат двајцата пејачи на групата Апостол Поце Икономов и Ристо Самарџиев кои заедно со Јаневска ја креваат публиката на нозе со изведбата на „Македонските бисери“. Преполната сала пее во еден глас со нив покажувајќи дека Македонија е жива, горда и вечна!
Шоуто продолжува во ист стил со изведбата на „Македонија“, по што следуваат „Среќна нова“, „Илјада песни“, „Одам за секогаш“, „Бејби бејби“ и култната „Нена“ – добро познати хитови од големиот репертоар на групата.
Поце ја презема диригентската палка во свои раце, расположен и распеан како никогаш досега, брилјирајќи со своите вокални бравури со невидена леснотија, со што покажа дека дефинитивно е можеби и најдобриот машки вокал во Македонија. Доказ повеќе – фидбекот на публиката чие расположение пејачот го држеше постојано во свои раце.
Нека де околу половина на концертот доаѓа онаа спора фаза во која следуваат познатите балади на групата, меѓу кои некои се веќе безвременски, а некои се на добар пат тоа да станат. На темата „Возови“ на сцената на бендот му се приклучува саксофонистката Александра Илиева, сексапилната струмичанка која специјално за оваа пригода долета од Берлин каде моментално живее и работи. Нејзината маестрална изведба и фантастичниот вокал на Поце споени во едно, создадоа таква симбиоза на емоции и енергија, правејќи баладата да звучи толку оплеменето што истата доби сосема друга димензија, која ретко се доживува!
По не следуваа „Зошто боже“ и последната во низата најнови споровозни песни на „Меморија“, онаа посветена на неодамна прерано починатата сопруга на Поце, темата насловена „За тебе“. Во публиката ерупција од емоции и море од солзи, но и солзи во очите на пејачот, поглед кон небото и едно изустено – „Те сакам“. Како доказ дека љубовта е вечна и по нечие заминување.
Аплаузот уште не се беше стишал, кога по неа дојде „заштитниот знак“ на групата, баладата која од легендарниот бенд созаде македонски бренд за сите времиња – „Оган под ѕвездите“…
На видеоѕидот се појавува маестро Симон Трпчевски со поздрав и воведен клавирски дел во темата во негов стил.
На сцената македонската харфистка и пејачка Сара Мејс веднаш потоа ја внесува публиката во песната со ѕвонливите звуци на харфата. Светилките од мобилните го создаваат ѕвезденото небо, додека целата арена повторно пее во еден глас. Оганот под ѕвездите никогаш не горел посилно… и повеличествено!
По емотивните балади следуваат нови минути за специјалните гости(нки). „Женската журка“ ја отвораат Ружица и Ивица од „Ареа“ со „Сите мои слики“.
Публиката пее и танцува во еден глас со Ружица, а по неа рок ен рол лудилото го продолжува Дани со нејзината „Што до тогаш“, за „женската журка“ да кулминира откако на Дани ќе и се приклучат Сара и Андријана, за заедно со „Меморија“ да ја изведат моторџиската рок химна „Мотори“, како поздрав до сите моторџии присутни во салата.
На неа природно се надоврзува уште еден култен кавер – „Smoke on the water“ на хард рок диносаурусите „Deep Purple“.
Нова бура од емоции и аплаузи доаѓа со и следната песна , најновата „За добро да е“, во која заедно со групата на сцената се појавува да пее момчето во инвалидска количка, прилепчанецот Филип Николовски кој и покрај хендикепот многу ја сака музиката, свири на синтисајзер, пее и настапува. Доказ дека сите колку да и да сме различни, сепак имаме иста душа…
Истата онаа која и бендот и Филип ја споделија со публиката, а таа со широко срце им возврати.
Последниот дел од концертот повторно смирувачки со акустичните балади „Ќе има ли ден“ и „Нашите слики“ каде што Ристо Самарџиев ја презема вокалната соло улога. Ново раздвижување следува пред самиот крај со средношколската химна на повозрасните генерации „Снежо, Снежана“ и макфестовскиот евергрин на Самарџиев „Таму кај што си“, за на крајот очекувано да дојде „шлагот на тортата“…
На сцената се качуваат блех оркестарот „Блезери“ и разбирливо како за крај настанува комплетно лудило во арената со вечната „Дирлада“. Пеат буквално сите… И оние на сцената и публика и новинарите и се живо штое во салата. Ерупција од воодушевувања, изливи радост на задоволство, за неописива глетка…
За самиот крај, бис, а на него одново… „Оган под ѕвездите“ и „Дирлада“ и „Македонските бисери“ … само овој пат сосе сите заедно што учествуваа на концертот качени на сцената… „Како јаготка на шлагот“ на концертот кој го надмина прагот на обична музичка забава. Зашто по се’ што видовме, слушнавме и доживеавме таа вечер, може да се каже со сигурност дека „Меморија“ е македонска музичка национална гордост!