На социјалните мрежи ДНК ја промовираа својата најнова песна со наслов “Чаршија”, песна на која гостуваат познатиот хармоникаш Мишел Трајковски и перкусионистот Бока Конга.
Станува збор за уште една песна која поседува фолк елементи и стилски потсетува на претходните “Ако утре ме нема” и “Животе брате”, звук кој по се изгледа и се допаѓа на публиката, а понесени од успехот и вкусот на публиката ДНК продолжуваат да го туркат тој правец.
Во ова најново музичко остварување на ДНК свој допринес даде еден од нашите најдобри хармоникаши, погоре споменатиот Мишел Трајковски и „мајсторот” за конги, популарниот перкусионист Бока Конга.
„Мислам дека со Лазе уште еднаш успеавме да создадеме нешто што ќе и се допадне на публиката. Очигледно е дека го сакаат овој звук и навистина ни е драго што е така” – накусо изјави Панчо.
Инаку и за оваа песна се сними видеоспот во Старата чаршија во Скопје, во кој покрај Панчо и Андреј се појавува и познатата водителка Вера Мештеровиќ, моделот Драгана Спасовска, диџеите Irie Scratch, Nasty и други…
Како режисер на видеоспотот се потпишува Огнен Шапковски, додека директор на фотографија е Кристијан Теодоров.
Уживајте во оваа необична „дуо-трио“ комбинација која ве водат на музичка прошетка низ нивната „Чаршија”.