Македонскиот диџеј и музички продуцент Галоски бележи уште еден значаен успех на меѓународната електронска сцена.
Неговото најново музичко издание насловено како „STEP“ се најде на деветитoто место меѓу 10-те најпуштани траки од диџеи во светот за изминатиот месец, според официјалните податоци на глобалната платформа „1001 Tracklists“.

Овој резултат добива уште поголема тежина бидејќи „STEP“ е независно издание објавено преку неговата нова сопствена издавачка куќа „Side Effects“, со која започна свежо поглавје во кариерата по повеќе од 20 години континуирано присуство на сцената. На глобалната ранг-листа, македонскиот продуцент се најде во друштво на светски познати имиња како Swedish House Mafia, MEDUZA, Cloonee и Adriatique.

Зад овој успех стои исклучително активна летна сезона за Галоски. Неговата музика изминатиов период се најде во сетовите и радио емисиите на диџеј гиганти како Дејвид Гета, Армин ван Бурен, Мартин Гарикс и Тиесто, а втора година по ред негови композиции се слушаа и на сцените на престижниот фестивал „Tomorrowland“.
Диџејот веќе најави нови изданија за септември и октомври, од кои следното ќе излезе за познатата светска етикета „Smash The House“.
фото:Instagram printscreen/galoskimusic







