По последните случувања во културата, поточно нејзиното субвенционирање, како и изборот на дел од оние кои се избрани да ја репрезентираат истата за претстојниопт јубилеј 35 години независност на Република Македонија, јавноста секојдневно се повеќе „возбудена“, разјарена и гневна.
Бурата негодувања кулминираше по најавениот документарец за Слаткаристика кој своевремено објави песна за поддршка на промена на името, а филмот за него треба да биде меѓудругото спонзориран и со народни пари. Чашата ја прели откажувањето на режисерот Јани Бојаџи на снимањето на филмот „Татко“ заради „потценувачкиот буџет“ кој за разлика од некои други и бил доделен на продукцијата, како проект финансиран од Министерството за култура.

Претходно, прашина почна да се крева уште при чудниот избор за претстојната централна прослава на 1. септември, по повод 35 години независност, на која немаше место за бендови како „Меморија“, со која во 1991 година беше прогласена независноста на Република Македонија. Или за едни „Некст Тајм“, чиии музички преработки се со нагласена патриотска содржина, за Лозано, кој одби да пее кога претходната власт го славеше менувањето на името… А, наместо нив да бидат поканети и загарантирано место да имаат уметници кои за славјето при „прекрстувањето во Северна“ си ги лапнаа дебелите хонорари иако пееја пред едвај шака народ… Или оние, кои сопствената држава Македонија на најсветлите поразници и државни манифестации јавно ја нарекуваа Северна и тогаш кога воопшто не мораа, освен за лично додворување на тогашната власт!
После сето ова разочарувањето и револтот почна да се шири не само во јавноста, туку и кај мноштво уметници…

Еден од нив е и актерот Владо Јовановски, познат и признат македонски глумец, но и посветен родољуб и докажан патриот, човек кој од се’ срце си ја сака својата родна земја Македонија, подготвен да се жртвува за неа.

Видно револтиран, заради тоа што ретко игра на филм, а и таа можност која ќе му се укаже – згаснува, Јовановски не го криел својот гнев и разочарување кои јавно ги обзнанил во споделените стауси на својот Фејсбук профил.

„После долги години апстиненција, за малку ќе заиграв на филм. Што би се рекло, за т’нко влакно.
Да не му се верува на човек, требаше да одиграм главна улога во долгометражен игран филм.
Но, тоа е тоа.
“Требаше”, е минато свршено време.
Во некои јазици, не постои такво време. Како на пример во јазикот на племето на робот Амистад, во истоимениот филм на Спилберг.
А бев на чекор до улогата.
На продукцијата и недостасуваа уште само 650 000 e.
Предложив да се откажеме од хонорарите.
Пак небива.
Тие се толку бедни, што зафаќаат многу мала ставка во буџетот на филмот.
И тоа е тоа.
Изгледа пак ќе треба да се посветам на земјоделие.
Барем во земјоделието си на чисто.
Што ќе посееш, тоа ќе жнееш!
До душа зависиш од временските прилики или неприлики, ама тоа е почесно, оти под Бога сме.
А во филмот што?
Сеев жито, а жнеам трње!
За едни, климата секогаш е благопријатна, а за други, секогаш е невреме, со град и грмотевици, со поројни дождови и олуи.
А не дека толку многу ми се снима, само сакав да проверам, дали сум го заборавил тој занает или е како со вештината на возење точак.
Иако некои велат дека тоа било како возење точак, ако еднаш си научил да возиш, дека не се заборава. Кој знае, додека не пробам, не можам да знам. Ај здравје Боже, ако пак ме викнат во некоја серија или филм во Србија … А пак за чудо, таму знам да го работам тој занает. Дали дека во Србија го почитуваат актерот и му веруваат дека може да го сработи тоа за кое што го бараат. Ни аудиција ни бутур. Плус не им пречи тоа што си Македонец и што си ја сакаш својата татковина. Не знам, многу работи не ми се јасни“ – споделил во своите ФБ објави актерот Владо Јовановски.



Како што и самиот вели, многу работи не му се јасни… Како на пример, зошто во македонската култура нема место за патриоти? Не му е јасно ни на народот, исто така. Освен на оние малкумина, на кои им е! Затоа „ги играат“ во секоја власт… И тоа оние, кои очигледно во секоја власт – „се власт“!
Фото: Фејсбук/Vlado Jovanovski




