Тина Русева ја претстави својата нова песна „Proud of Me“, зад која овојпат не станува збор само за уште еден музички сингл. Зашто зад новата композиција се крие искрена и емотивна приказна за нејзиниот животен пат, големите соништа, падовите, преселбата во Германија, во борбата никогаш да не се откаже од она во кое верува.
Уште пред официјалното објавување, Тина најави дека овој проект за неа има посебно значење.

„They told me to be realistic. I chose to be proud. This one is personal“ (Ми рекоа да бидам реална. Јас избрав да бидам горд. Ова е лично) – порача пејачката, оставајќи и на публиката да насети дека овојпат ќе слушне нешто многу поискрено и полично.
„Proud of Me“ започнува со приказната за едно девојче кое расте во мал град, но сонува големи соништа. Со текот на песната, приказната се преселува во Германија – нова земја, нов живот и нови предизвици, каде што ништо не доаѓа лесно, но желбата за успех останува посилна од сите препреки.
Токму во тоа се крие и најсилната порака на песната. Од една страна е приказната за човек кој морал да започне од почеток, а од друга – приказната за уметник кој не престанал да верува дека музиката е неговиот вистински пат.

„I got big dreams… yeah, as big as my voice“, пее Тина, стих кој можеби најдобро ја опишува суштината на целата композиција.
А потоа доаѓа рефренот – емотивен, директен и без разубавување. Солзите, разочарувањата и зборовите на оние кои не верувале во неа се претвораат во мотивација. Наместо да се откаже, Тина од сето она што го поминала создава сопствена сила.
Зад музиката и текстот стои Коста Петров, додека аранжманот е дело на Боб Вогстон и Том Ридер. Вогстон се погрижил и за продукцијата, снимањето, миксот и мастерингот, а песната е реализирана во „Lipaka Studio“.

Во музичката екипа се и Александар Пилстикер на пијано и клавијатури, Мануел Малешков на тапани, додека Боб Вогстон ги отсвирил басот и гитарата. Асистент е Исо Сек.
За визуелната приказна на песната се погрижила продукцијата на Дарко Јовановски, кој го потпишува официјалниот видеоспот.
„Proud of Me“ е песна во која Тина Русева не ја крие својата ранливост – напротив, токму од неа создава сила. Од мал град до Германија, од почетоците и борбата за егзистенција до сонот за музичка кариера, таа во неколку минути раскажува приказна за пат кој не бил ниту едноставен, ниту безболен.

Но, можеби најважно од сè е што на крајот останува една порака: без оглед на тоа кој што кажал и кој верувал или не верувал во неа, Тина продолжила да оди по својот пат.
Со моќниот вокал и препознатливата емотивност, „Proud of Me“ звучи како лична исповед, но и како порака до сите кои некогаш биле натерани да се сомневаат во сопствените соништа.

Погледнете го официјалниот видеоспот за „Proud of Me“ во продолжение…






