Мегафон поткаст гостин

Охридскиот рокер од „Ѕвездите на Гранд“ Александар Јосифовски во „Ништо лично“

Охридскиот рокер од „Ѕвездите на Гранд“ Александар Јосифовски во „Ништо лично“

Патот на Александар Јосифовски од Охрид до големите балкански и светски сцени не е само обична приказна за еден пејач кој се појавил во телевизиско музичко шоу и преку ноќ станал познат.

Тоа е приказна за музиката наследена од мајката, за детството и семејните турбуленции, за Австралија, за рокенролот, за бендот и годините поминати далеку од големите телевизиски рефлектори, но и за еден исклучително тежок период во кој морал да се соочи со сопствениот порок.

Денес, Александар Јосифовски е препознатлив како долгокосиот охридски рокер со моќен вокал, харизма и сценско присуство. Но зад неговиот денешен имиџ стои човек кој поминал низ многу повеќе отколку што можеше да се види на телевизискиот екран.

Музиката му била запишана уште од дома

Негова мајка е Елизабета Неданоска-Јосифовска, позната како Бети, која своевремено беше дел од македонската фолк-сцена. Елизабета во 1996 година настапила на фестивалот „Охридски трубадури“ со песната „Ем го мразам, ем го посакувам“, а подоцна се повлекла од естрадата. По разводот таа заминала во Австралија, каде што започнала нов живот.

Токму мајката била една од најважните фигури во музичкиот развој на Александар.

Интересно е што, кога Александар решил да се пријави во „Ѕвездите на Гранд“, ѝ поставил своевиден ултиматум – ако тој тргне по музичкиот пат, сакал и мајка му повторно да се врати кон музиката. Таа го прифатила предизвикот и повторно ја снимила старата песна „Ем го мразам, ем го посакувам“, овојпат по повеќе од две децении.

Така, приказната на мајката која некогаш се откажала од сцената и приказната на синот кој допрва требало да ја освои, повторно се споиле.

Охрид, рокот и „French Olives“

Иако мајка му доаѓа од фолк-музиката, Александар уште од млад ќе се определи за сосема поинаков музички свет.

Неговата голема љубов е рокот, а како еден од неговите омилени бендови го издвојува „Scorpions“. Пред телевизиската популарност, тој веќе бил активен музичар и настапувал со охридскиот рок-бенд „French Olives“. Во составот, покрај Александар како вокал, биле Мартин Милески на гитара, Славчо Китаноски на клавијатури и Климент Боев на тапани.

За него „Ѕвездите на Гранд“ затоа не биле почетокот на музичкиот сон, туку големата врата низ која тој сон конечно излегол пред милионска публика.

Пред „Гранд“, Александар веќе настапувал по клубови, концерти и музички настани, а со „French Olives“ настапил и како предгрупа на легендарните „Дивље јагоде“ – остварување кое за еден млад рокер од Охрид имало посебна тежина.

Во 2021 година ја објави и својата прва авторска песна „Иди“, за која музиката ја потпишал со Мартин Милевски, додека текстот го напишал Огнен Неделковски.

„Ѕвездите на Гранд“ – моментот кога Балканот го запозна Александар

Во 2019 година Александар ќе влезе во „Ѕвездите на Гранд“ и уште на самиот почеток ќе покаже дека не е само уште еден натпреварувач.

Во една од првите емисии успеал да ги освои сите седум гласови од жирито, а за ментор логично го избрал рокерот Ѓорѓе Давид.

На сцената на „Гранд“ Александар донесе нешто што отскокнуваше од класичниот шаблон на балканските музички натпревари – рокерски изглед, гитара, специфичен вокал и енергија која повеќе потсетуваше на концерт отколку на класичен фолк настап. Публиката постепено почна да го препознава, а потоа дојде и финалето.

Во големото финале на „Ѕвездите на Гранд“ во 2022 година, Александар Јосифовски го освои второто место, со што практично се запиша меѓу најуспешните македонски учесници во историјата на шоуто. Но зад телевизискиот успех паралелно се одвивала и една многу потешка, лична борба.

Најтешкото поглавје – борбата со алкохолот

Еден од најмалку познатите, но и најважни делови од неговата животна приказна е борбата со зависноста од алкохол. Александар самиот јавно зборува за проблемот, без да го разубавува или крие.

Во периодот додека се натпреварувал во „Ѕвездите на Гранд“, тој минувал низ процес на лекување и рехабилитација. Во една исповед открил дека во одреден период со денови не бил трезен и дека првично тешко прифаќал дека му е потребна помош. Особено важна улога во тој период имал неговиот ментор Ѓорѓе Давид.

Во полуфиналето на шоуто, Давид емотивно проговорил за неговата борба и за помошта што му ја пружил. Подоцна и Александар раскажувал дека токму поддршката од луѓето околу него била важна за да го направи пресвртот.

Еден од најнеобичните детали е што додека бил на лекување, пред продукцијата било кажано дека е во Австралија. Александар подоцна самиот открил дека всушност бил на клиника за лекување од зависност. Тој во 2023 година изјавил дека тогаш веќе пет месеци не консумирал алкохол и дека научил да функционира нормално и во ситуации во кои луѓето околу него пијат, додека тој избира вода. Тоа бил еден од најголемите пресврти во неговиот живот. Од тој момент, Александар не само што го сменил односот кон алкохолот, туку постепено го променил и својот животен стил и имиџ.

Првиот брак – љубов која започна во Охрид, но заврши по осум години

На приватен план Александар долго време беше во брак со Теодора. Тие се запознале во Охрид, а нивната врска подоцна прераснала во брак кој траел осум години. Самото запознавање го опишувал како нешто што се случило во друштво во кое имало повеќе девојки, но Теодора му го привлекла вниманието.

Во еден период од нивниот заеднички живот, Теодора била негова  поддршка, вклучително и во периодот на учеството во „Гранд“. Во 2022 година, додека Александар го живеел својот најголем професионален момент, нивниот семеен дом во Охрид бил еден од симболите на неговата стабилизација.

Но по осум години брак, во 2025 година следувал разводот. Александар јавно нагласил дека причината не била ниту неверство ниту љубомора. Според неговото објаснување, постепено се изгубила комуникацијата меѓу нив и обидите да се поправат работите не успеале. Разводот бил тежок период, но истовремено и нова животна раскрсница. И токму тогаш во неговиот живот влегла Ана.

Ана Павиќ – нова љубов по најтешкиот период

По разводот, Александар ја пронашол љубовта покрај Ана Павиќ. Тој ја опишува Ана како силна, самосвесна и успешна жена, која не му е само партнерка, туку и инспирација. За нивната врска зборувал како за нов почеток по периодот на лични превирања. Врската многу брзо станала сериозна. Тие почнале да го градат својот заеднички живот, а Александар во меѓувреме сè повеќе време поминувал и во Белград, каде што полека ќе почне да ја гради својата кариера на регионалната сцена. Но најголемата промена допрва доаѓала.

Александар по вторпат доби шанса за нов живот – стана татко

Во мај 2026 година Ана на свет ја донесе нивната ќеркичка Алексеја. За Александар тоа било едно од најемотивните животни искуства. Пејачот ја сподели среќната вест со јавноста, а семејството набргу по породувањето веќе било заедно дома. Подоцна се појавија и првите фотографии од малата Алексеја, со што јавноста доби можност да види една сосема поинаква страна од рокерот.

Човекот кој со години беше препознатлив по тетоважите, долгата коса, гласот и рокерската енергија, сега доби една сосема нова животна улога – улогата на татко. И токму тогаш неговата љубовна приказна доби уште еден голем пресврт.

Наместо риба – улови невеста: просидбата со јадица

Во август 2026 година Александар приреди една од најоригиналните просидби на македонската естрада. Како голем љубител на риболовот, тој решил прстенот да не го стави во класична кутија, туку да ја изненади Ана со веренички прстен закачен на рибарска јадица.

На романтична локација покрај вода, со трски, рибарски стапови и целата атмосфера која нему му е блиска, наместо риба на јадицата ја чекал Ана – со дијамантски прстен. Таа рекла „да“.

И така, човекот кој цел живот е поврзан со музиката, сцената, риболовот и Охридското езеро, направил своја мала животна сцена која совршено му прилега.Само неколку месеци откако станал татко, Александар ја официјализирал и намерата својот живот да го продолжи покрај Ана.

Мајката повторно е тука – но овојпат преку неговата музика

Односот меѓу Александар и неговата мајка е посебна приказна во целата негова биографија. Елизабета заминала во Австралија по разводот и таму изградила нов живот, додека Александар останал силно поврзан со неа.

Токму Австралија е еден од повторливите мотиви во неговиот живот – не само поради мајка му, туку и поради неговиот татко, кој исто така останал да живее таму. Александар и денес одржува контакт со татко му и при своите престои во Австралија знае да поминува време со него, вклучително и во риболов на океанот.

Со мајка му музиката повторно ги споила на еден прекрасен начин. Во 2025 година Александар ја објави песната „Стара мајка“, официјално преку „Гранд продукција“. Песната е целосно авторско дело на Александар, а во видеоспотот се појавува токму Елизабета. Таа не е само мајката на пејачот – во оваа приказна повторно се појавува и како жена која некогаш имала сопствена музичка кариера.

„Стара мајка“ затоа има многу поголема тежина од обична песна. Таа е своевидно враќање кон корените. Кон жената која му ја всадила љубовта кон музиката. Кон мајката која поминала низ сопствените животни премрежија. И кон синот кој денес, откако самиот стана татко, веројатно уште подлабоко ја разбира нејзината животна приказна.

„Јас сум твое промашување“ – кога приватната болка станува песна

Уште една важна соработка меѓу мајката и синот се случила преку песната „Јас сум твое промашување“.

Музиката е на Александар, а текстот го напишала неговата мајка Елизабета. Песната се појавила во периодот по неговиот развод, поради што самиот Александар признавал дека во нејзините стихови препознал дел од својата животна ситуација. Така, Елизабета повторно станала дел од неговата кариера – овојпат не како пејачка на сцена, туку како авторка која на синот му подарува зборови.

Од Охрид преку Белград до Америка

По успехот во „Ѕвездите на Гранд“, кариерата на Александар почна да добива сè пошироки размери. Една од најважните пресвртници беа неговите настапи во САД.

Во 2022 година замина на американска турнеја со Лепа Брена. По завршувањето на нејзините настапи, Александар останал во Америка и продолжил со свои концерти поради големиот интерес од македонската и балканската дијаспора. Тоа било голема потврда дека неговата популарност не останала само во телевизискиот формат на „Гранд“. Одеднаш охридскиот рокер добивал можност да настапува пред публика илјадници километри далеку од дома.

Австралија – враќање на местото кое му е дел од семејната приказна

Австралија, пак, за Александар има сосема посебна емоционална тежина. Таму му е дел од семејството, таму е татко му, таму своевремено заминала и мајка му, а токму таму во последните години започнал да гради и своја концертна приказна.

Во 2024 година настапувал во Австралија, а особено се издвојува неговото појавување како предгрупа на големиот концерт „50 години Бијело Дугме“ во Мелбурн. За човек кој потекнува од Охрид и својата кариера ја градел низ рок-музиката, можноста да се појави пред публика во рамките на прославата на еден од најзначајните бендови од поранешна Југославија е значаен чекор. Во Австралија настапувал и како гостин на концерти поврзани со Горан Бреговиќ.

Од „Бијело Дугме“ и Брена до Драгана Мирковиќ

Она што особено го одбележува новиот период од кариерата на Јосифовски е фактот што тој сè почесто се појавува покрај големи регионални имиња.

Лепа Брена, „Бијело Дугме“, Горан Бреговиќ, а потоа и Драгана Мирковиќ се имиња со кои Александар има остварено настапи или концертни ангажмани.

Во јануари 2026 година беше објавено дека Јосифовски заминува на двомесечна американска турнеја со Драгана Мирковиќ. Турнејата ќе следува по неговите претходни настапи во САД со Лепа Брена, додека неговите австралиски активности го поврзаа и со концертите на Горан Бреговиќ и „Бијело Дугме“.

За неговата кариера тоа е интересен парадокс: човекот кој на почетокот се борел да биде препознаен како рок-пејач од Охрид, постепено станал гостин на концертите на едни од најголемите имиња на балканската музичка сцена.

Нови песни, нов имиџ и нов живот

Последните години Александар не се потпира само на старата слава од „Гранд“. Тој продолжува да снима авторска музика.

Во 2025 година ја објави „Твој сам промашај“, песна за која музиката е негова, а текстот го напиша неговата мајка Елизабета. Потоа дојде „Стара мајка“, уште една лична и емотивна песна. Во септември 2026 година повторно е актуелен со рок-балада – „Полошо од љубомора“, со музика и текст на Страхиња и Урош Тепавчевиќ, додека Александар се потпишува за аранжманот, миксот и мастерот. Видеото е снимено во Охрид, а во него главниот женски лик го толкува токму неговата Ана.

Тоа е уште еден доказ дека Охрид останува неговата музичка и животна база, дури и кога кариерата го носи во Белград, Америка или Австралија.

Александар денес – човек со сосема поинаква животна приказна

Ако неговата приказна се погледне од дистанца, Александар Јосифовски денес е далеку од момчето кое пред години стоело на сцената на „Ѕвездите на Гранд“ и се обидувало да го освои жирито. Тој поминал низ огромна лична трансформација. Од млад музичар и тон-мајстор од Охрид, преку член на „French Olives“, до финалист и второпласиран во „Ѕвездите на Гранд“.

Од човек кој јавно призна дека имал сериозен проблем со алкохолот, преку лекување и рехабилитација, до човек кој повторно ја гради кариерата и отворено зборува за своето искуство. Од осумгодишен брак кој заврши со развод, до нова љубов со Ана. Од партнер, до татко на малата Алексеја.

И, конечно, од човек кој еднаш морал да се избори самиот со себе, до човек кој денес гради ново семејство и нова иднина. Ја создаваше – чекор по чекор, песна по песна, пад по пад и повторно станување.

И денес, додека неговата музика го носи од Охрид до Белград, од Америка до Австралија, најважната сцена покрај онаа на која стои со микрофон е и онаа дома – покрај Ана и малата Алексеја. Таму, по сите концерти, турнеи, аплаузи и рефлектори, започнува неговата најнова и веројатно најважна животна приказна.

Ова лето на гости му бевме и ние… Дома кај охридскиот рокер Александар Јосифовски   чија животна и професионална приказна полна со впечатливи детали и самиот ја раскажува во „Ништо лично“.

Премиерата оди вечерва, СРЕДА,  30-ти септември  со почеток во 20.00 часот,  ексклузивно само на YouTube каналот на КурирМК (

Фото: Инстаграм/alexandarjosifovski

To top