Откако „Лидија“ – качи се па види ја, ни ја качи на… за одново да ја видиме и слушнеме старата скопска фора спакувана во заразен рефрен, па со неа за само три месеци собра речиси два милиони прегледи, македонскиот трапер Јанг Дади ќе се обиде повторно го привлече вниманието со новиот сингл. И „Син на мама“ е жанровски слична песна која уште при првото слушање ве вози со заразен ритам, а видеоспотот ќе ви понуди и голема доза хумор и смешни ситуации.

Во видеото можеби највлијателната и најекспонирана македонска инфлуенсерка Миа Костова се појавува во улогата на мајката на младиот Дади.

Таа будно ги следи и „тестира“ сите девојки што се обидуваат да го освојат срцето на нејзиното синче, создавајќи низа комични и забавни ситуации кои му даваат посебен шарм на дејствието во видеоспотот.

Ситуација која не и непозната зошто е мошне блиска и до реалноста заради возраста на нејзиниот вистински син Андрија, кого пубертетот веќе го дрма.

Покрај Миа Костова, во видеото настапуваат и нејзината најблиска пријателка Тијана Скулиќ, потоа Гала Поњавиќ, Елиана Христи, Јоана Делова и Марта Михајловски, кои со своите улоги дополнително ја збогатуваат возбудата и динамиката на приказната.

Како и кај претходната песна која стана инстант радиски хит, Јанг Дади повторно се потпишува како автор на музиката, текстот и концептот на песната, додека за аранжманот, миксот и мастерингот повторно бил задолжен Андреј Ник, со кого ја продолжува успешната музичка соработка.

Видеоспотот е реализиран во продукција на „Такат студиоз“, а режијата ја потпишува Генц Халими, кој преку современ и динамичен визуелен израз ја претвора песната во вистинска музичка мини-комедија.

„Син на мама“ има и дополнително значење во кариерата на Јанг Дади, бидејќи станува збор за неговиот прв музички проект објавен под етикетата на „Авалон“, со која неодамна траперот започна и официјална соработка. Паралелно со промоцијата на новиот сингл, Јанг Дади интензивно се подготвува за својот прв солистички концерт, кој ќе се одржи на 12 септември во спортскиот центар „Јане Сандански“, во организација токму на „Авалон“.

Според најавите, публиката ја очекува вистински музички спектакл – настап во живо со бенд, богата мултимедијална продукција, впечатливи визуелни ефекти и специјални гости од Македонија и регионот, музички соработници и пријатели кои биле дел од неговиот пат до успехот.

Дотогаш слушнете и погледнете што има да ви каже и покаже „налицканиот“ „Син на мама“ во видото во продолжение…






