Британска ријалити-ѕвезда Кејти Прајс покрена експресна постапка за развод од својот сопруг Ли Ендруз по само осум месеци брак, откако дознала дека неговото наводно милионско богатство е само една обична шарена лага.
Сопругот со месеци ја убедувал дека е успешен милионер кој во својот криптопаричник поседува неверојатни 50 милиони долари, односно околу 37 милиони фунти. Тој дури и сам ѝ ги дал податоците за пристап до сметката за да ѝ докаже дека ништо не крие од неа, но наместо потврда за луксузниот живот, за старлетата следувал целосен шок.

Финансискиот експерт што го ангажирала Кејти за да го провери салдото, открил дека на сметката наместо милиони има само мизерни 2,22 фунти, што е рамно на околу 150 денари. Веднаш по болното соочување со вистината, Кејти Прајс контактирала со адвокат, а на својот сопруг одлуката за развод му ја соопштила со кратка и бесна порака преку телефон во која му порачала дека е измамена и дека тој не е човекот за кој се претставувал.

Дополнителните проверки утврдиле дека Ли Ендруз всушност никогаш немал милиони на таа сметка, туку најголемата сума некогаш забележана била само околу 14.490 долари во март годинава, кои веднаш биле префрлени на друга локација. Целата ситуација е дополнително искомплицирана со оглед на тоа што Ендруз веќе неколку месеци се наоѓа зад решетки во затворот Ал Авир во Дубаи поради обвиненија за финансиски измами, а Кејти нема никаква намера да патува таму ниту пак финансиски да му помогне да излезе на слобода.

Дека на нивниот брак кој беше склучен по бурна и кратка романса во Дубаи му дошол крајот, фановите забележаа уште пред неколку дена за време на нејзиниот престој во Шпанија. Старлетата на социјалните мрежи објави снимка на која повеќе не го носи венчалниот прстен, туку ужива и танцува во сребрен фустан со пријателите, покажувајќи дека добро се забавува и покрај брачниот крах.
Нејзините блиски пријатели со месеци ја предупредувале за лагите на сопругот, па затоа со олеснување ја дочекале оваа одлука. За Кејти Прајс ова ќе биде четврти развод по ред, но пред неа најверојатно претстои комплицирана правна битка бидејќи парот нема потпишано предбрачен договор, а самата венчавка беше одржана во Обединетите Арапски Емирати.
фото:Instagram printscreen/katieprice






