Радио Милева заедно повеќе од 20 години

Ова е тајната на Новак Ѓоковиќ за долг и среќен брак…

Ова е тајната на Новак Ѓоковиќ за долг и среќен брак…

Новак Ѓоковиќ и неговата една година повозрасна сопруга Јелена се запознале во средно училиште во Србија. Нивната врска продолжила и кога тој се преселил во Монте Карло за својата тениска кариера, додека таа студирала во Италија. Се венчаа во 2014 година, а денес имаат две деца, Стефан (12) и Тара (8).

Пред премиерата на новиот документарец „Новак Ѓоковиќ: Волк во зима“, којшто ќе се прикажува од утре, четврток, тенисерот гостува со интервју за списанието „Пипл“ (People), па проговори и за неговиот брак со Јелена. Најважно во врската што трае веќе 20 години и повеќе, тенисерот вели дека е комуникацијата, искреноста и транспарентноста. Призна дека, како и секој друг пар, тој и Јелена минале низ предизвици.

– Таа беше моја девојка, свршеница, а сега е и моја сопруга. Заедно сме повеќе од 20 години. Неверојатно сум благодарен за нејзината љубов, поддршка и нашата врска што се разви во текот на сите овие години… Но, ниедна врска не може да функционира без напор. Како и секоја врска, и нашата бара жртва и многу компромиси, но и меѓусебен раст. Најважните три збора за долг брак се: комуникација, искреност, транспарентност, рече тој.

Ѓоковиќ (39) вели и дека проблемите не треба да се игнорираат.

– Мора да разговарате кога чувствувате дека нешто не е в ред. Колку подолго го чувате во себе, толку тоа „чудовиште“ станува поголемо. Кога ќе се појави проблем, тоа не е само она што ве мачело, туку и еден куп други работи. На некој начин, повикувате духови од минатото, а потоа состојбата само се влошува. Очигледно, зборувам од лично искуство, рече тој.

Светската тениската ѕвезда особено се осврна на периодите кога бил отсутен од своето семејство поради турнири. Но, истакна дека неговата сопруга била голема поддршка во текот на целата негова кариера.

– Таа го водеше домаќинството, ги одгледа нашите деца и им помагаше да се справат со отсуството на нивниот татко додека растеа. Тоа е она што сè уште ме боли најмногу, рече Новак.

Тој додаде дека разделбите од неговото семејство никогаш не му биле лесни.

– Кога ќе ги оставите вашите деца и вашата сопруга, не е потценување да се каже дека е навистина болно. Но, вие си ја работите својата работа и се обидувате да го дадете најдоброто од себе. Кога ќе се вратите дома, се обидувате да бидете што е можно поприсутни, објасни тој.

Нивните деца понекогаш патуваат со Јелена на големите турнири за да го бодрат својот татко. Стефан беше снимен како тренира со Новак на теренот на Вимблдон во 2024 година. Прашан дали би го поддржал својот син ако одлучи професионално да игра тенис, Ѓоковиќ одговори: – Апсолутно.

Сепак, тој нагласува дека да се биде родител е поважно за него отколку да се управува со спортската кариера на неговиот син.

– Пред сѐ, сакам да биде среќен и здрав. Сакам да му бидам татко. Секако, тоа не е лесно со оглед на тоа кој сум јас во светот на тенисот. Луѓето секогаш се прашуваат дали тој ќе оди по истиот пат, но тоа не е истиот пат. Тоа е неговиот пат!, истакна српскиот тенисер.

фото:Instagram printscreen/djokernole/jelenadjokovicndf

To top