Има песни што не се создаваат со план, туку со чувство. „Недоглед“ е токму таква песна, првиот дует на Мартија Станојковиќ и Роберт Билбилов. Се’ започнало со еден утрински повик. Без големи зборови, без најави, само искрена потреба песната да ја добие вистинската форма и вистинскиот глас.

Текстот на Кристина Станоески носи длабочина што се чувствува меѓу редови, а музиката, аранжманот и продукцијата на Роберт Билбилов ѝ даваат простор таа емоција да дише. Она што ја прави „Недоглед“ посебна е и фактот што Билбилов со оваа песна повторно застанува пред микрофонот, ненаметливо, искрено, како природен дел од приказната. Неговото пеење не е враќање заради форма, туку заради чувство, и токму затоа звучи толку вистинито.

Мартија ја памети првата средба со песната како момент што не се објаснува, туку се чувствува: „Песната веднаш ја почувствував длабоко и блиско. Сè беше толку искрено, начинот на кој мелодијата го носи текстот, емоцијата што не мора да се објаснува. Го видов Роберт толку возбуден и знаев дека ова мора да го направиме заедно.“

Видеоспотот е снимен во продукција на Takat TV, со Генц Халими, Борис Ралев и Дарко Митев, во Скопје. Модната приказна во „Недоглед“ е внимателно изградена како дел од целокупната емоција. Високата мода е доверена на брендот Митрофф, основан од дизајнерката Љупка Митрова –креативна визионерка која за само една година успеа да ја позиционира својата естетика како уметност со светски потенцијал. Мартија блеска во нејзиниот омилен црно-зелен фустан, симбол на сила, мистерија и женственост, додека Роберт носи елегантен, но ненаметливо фраерски стил што додава зрелост и харизма.

Шминката е дело на Мелина Зец од Melina Essential Beauty, фризурата е реализирана во реномираното студио HairDo Salon, додека за изгледот на Роберт се погрижи неговиот долгогодишен пријател Александар Дадар, со што визуелната приказна добива прецизна и елегантна завршница.

„Недоглед“ е песна со која Мартија и Роберт ја испратија 2025 година не со бучава, туку со емоција. Нивниот начин на кој ја пречекаа 2026-та, со чиста енергија, нова надеж и отворено срце. Мал, искрен новогодишен подарок за публиката, создаден од луѓе што сè уште веруваат во музика што трае.






