Вечерва, во 20 часот и 20 минути, Македонскиот КИЦ во Белград ќе биде домаќин на концерт на една од најпознатите и најатрактивни музички формации, која го негува како македонскиот, така и фолклорот скоро на сите народи во регионот и оттука се здобива со статус на одлично прифатена и популарна музичка група, ширум државите од целиот наш регион. Посебна популарност стекнуваат со обработка на традиционални македонски теми кои ќе доминираат на вечерашниов концерт во Белград.
На концертот во Белград,тие ќе настапат во состав Елена Христова (вокал), Владимир Стојчевски (бас гитара), Влатко Пате (перкусии), Хилми Баки (виолина), Анел Селим (кларинет) и Дени Крстев (инженер на звук), а нив пред белградската публика ќе ги претстави дирекорот на КИЦ Белград Васко Шутаров.

Групата има пет музички изданија, претежно авторски песни, мешавина од повеќе јазици и музички стилови. Нивниот прв албум е концертен, а „Калемар“ е нивниот прв студиски албум, создаден од композиции од самите членови. На третиот албум „Многу ми недостигаш“,сведочиме на мелодијата од различни народи, култури и религии. „Четворката“ е нивниот најличен албум, кој излезе првпат и на винил. Петтиот албум „За Скопје со љубов“ излезе на ЦД и винил во 2023 година, под брендот на издавачот CPL Music. Со музиката, истражувачкото љубопитство и вокалната интерпретација на Елена Христова, успеваат да ги спојат традиционалните звуци со модерни звуци од целиот свет.
„Баклава“ имаат настапувано во Унгарија, Хрватска, Данска, Шпанија, Франција, Германија, Чешка, Белгија, Романија, Турција, Италија, Словенија, Грција, а во Белград каде настапуваат со солистички концерт вечерва, последниот настап го имале како предгрупа на концертот на Билјана Крстиќ во Сава Центар.
фото:плакат







