Во рамките на фестивалот „Скопско лето“, вечерва, 20 јули, со почеток во 20:30 часот, во Музејот на град Скопје ќе се одржи камерен концерт на Марко Поп Ристов на виолина и Исак Харачиќ на виолончело.
Двајцата музичари ќе се претстават со програма што ги поврзува современите музички изрази со традицијата на камерната музика.
На концертот ќе биде изведено делото „In the Web“ од Беата Содерберг, а публиката премиерно ќе има можност да слушне и нова композиција од македонската композиторка Дарија Андовска, напишана за виолина и виолончело.
Програмата ќе биде заокружена со Сонатата за виолина и виолончело од Морис Равел, дело што се смета за едно од позначајните остварувања во камерната музика на XX век, а ретко се изведува на концертните сцени.
Марко Поп Ристов од Македонија и Исак Харачиќ од Босна и Херцеговина преку оваа концертна програма ќе создадат музичка средба меѓу современиот израз и класичното наследство.
Билетите се во продажба преку платформата karti.com.mk.







