Разбирањето на психолошките процеси поврзани со мотивацијата за одржувањето физичка активност е од клучно значење. Се проценува дека физичката неактивност влијае врз една третина од светската возрасна популација и е поврзана со појава на ментални здравствени состојби, како што се депресија и анксиозност.
Зголемувањето на физичката активност ги подобрува резултатите од менталното здравје споредливи со „златните стандардни“ психотерапевтски и фармаколошки третмани. Сепак, долгорочните ефекти често се попречени поради недостиг на мотивација.
Во нова студија објавена во списанието „Ментално здравје и физичка активност“, истражувачите од Универзитетот „Бат“ објавиле дека комбинирањето на следењето на чекорите со медитациска физичка активност преку мобилна апликација значително ја подобрило мотивацијата за вежбање кај учесниците во студијата.
Ова истражување ја оценило првата дигитална интервенција што комбинира ваква физичка активност и принципи за промена на однесувањето, за да се промовира ангажирање и уживање во физичката активност. Студијата опфатила 109 возрасни Англичани кои не ги исполнувале препорачаните нивоа на активност.
Првата група пријавила посилна намера да продолжи да вежба
Во текот на 30 дена, од сите учесници било побарано да се стремат кон 8.000 чекори дневно, користејќи основен следач на чекори. Од половина од учесниците било побарано да следат дневна програма за медитациски активности преку мобилна апликација. Програмата вклучувала кратки вежби фокусирани на свесност за телото, движење и вежбање.
На крајот двете групи ги зголемиле своите нивоа на активност без значајна разлика помеѓу нив. Оние во групата со чекори плус медитациски активности ја зголемиле својата активност во просек за 373 минути умерена вежба неделно, додека оние во групата само со чекори во просек имале 297 минути неделно.
Сепак, оние во првата група пријавиле значително посилна намера да продолжат да вежбаат.
– Нашите резултати покажуваат дека дури и краткорочниот медитациски тренинг во комбинација со следење на чекорите може да ги натера луѓето да сакаат да се движат повеќе, што би можело да има трајни придобивки. Помагањето на луѓето да го изградат тој внатрешен нагон е од суштинско значење – особено во време кога многу луѓе се борат да останат активни – вели д-р Маша Ремскар, водечки истражувач од одделот за психологија на Универзитетот „Бат“.
– Ова е возбудлива прва студија што комбинира ваков тип на тренинг со стратегии дизајнирани да им помогнат на луѓето да се движат повеќе и да ја интернализираат својата мотивација за физичка активност. Тука има голем потенцијал и ние сме заинтересирани да ги усовршиме овие алатки за да ги направиме поефикасни – заклучил д-р Макс Вестерн од одделот за здравство на Универзитетот „Бат“.
Извор: Курир