Каролина Гочева уште од најмлади години и стана миленичка на македонската публика. Како мало девојче, таа го освои вниманието на многумина со својот талент и скромност.
Денес, зад себе има голем број фотосесии и возбудливи ангажмани на насловни страници на различни магазини, но една фотографија ѝ остана посебно драга – нејзината прва насловна на „Екран“, направена кога имала неполни 13 години.

Така, откако неодамна ѝ ја испратиле фотографијата, објавена на Фејсбук-страницата ВБУ Музички регистар, таа ја сподели на својот профил и објасни како настанала оваа значајна фотографија.
„ Јас со неполни 13 години за првпат на насловна на Екран. За оние кои не знаат, тогаш Екран беше веројатно најзначајниот пишан музички медиум кај нас. Синоќа кога ми ја испратија сликава во погледот си ја видов возбудата и тремата што како срамежливо и несигурно детенце ја почувствував кога се јавија и кажаа дека сакаат да ме сликаат за насловна. Една недела подоцна, дојдоа дома во Битола, во куќата каде пораснав. Сликава ме натера и да размислам колку време е поминато од тогаш, заедно со еден куп исполнети и неисполнети желби и соништа, (како и во сечиј живот). Единствено останаа непроменети мојата желба музиката да биде дел од мојот живот и мојата верна придружничка – тремата. Секако, благодарност до Музички регистар што постојано изненадуваат со вакви заборавени “blast from the past” моменти.
Во таа фотографија, која ја сподели и се пошегува дека мислелa дека само нејзината баба Љупка чува ваква вредна архива, се гледа почетокот на една голема музичка приказна која продолжува да ги освојува срцата на македонската публика.
Foto:printscreen/facebook/Karolina Goceva







