Во саботата вечер, 13,12.2025 во големата сала на Македонската филхармонија македонската пејачка Бојана Скендеровски го одра својот долго најавуван прв солистички концерт во кариерата. Во еден момент и самата ќе каже: „На овој момент чекав 23 години, но до следниот нема да мине ни приближно толку време“.

А пејачката концертот го започна со палета од своите некошни најголеми хитови, како „Зборови лажни“, придружувана од големиот бенд на сцената предводен од маестри Николче Мицевски и дузина врвни музичари кои придонесоа за совршена звучна слика во прошетката низ првата голема музичко-концертна приказна на Бојана.

И самата видно возбудена, пејачката мошне сигурно ја водеше публиката низ различните песни и стилови кои ја обележаа нејзината кариера, користејќи ја и сопствената водителска вештина да ги најави или раскаже понекоја случка или анегдота поврзана со секоја песна.
Вокално сигурна, Бојана суверено владеше на сцената, без да и се провлече ниту еден фалш или грешка, без ниту малку да дистонира во интерпретацијата, со што покажа дека талентот, работата и искуството сублимирани во едно, носат резултат.

Покрај сигурната музичка-вокална експресија, концертот изобилувапше и со емотивни моменти и патриотски набој. Микс кој создаде музичка магија која резултираше со размена на позитина енергија со публиката која заедно со пејачката ги пееше познатите рефрени, а неретко стануваше и да танцува со Бојана која речиси целиот концерти самата не застана на сцената, неретко засилена со танцот на девојките од танчарска група која во некои од нумерите ја придружуваше со своите кореографии.

Музичката магија ја исполнија силни чувства во неколку посебни моменти. Изведбата на темата „Кон небото“, посветена на сите оние кои повеќе не се меѓу нас, но сите имаме чувство дека… „не гледаат некаде од озгора“.

Моментот кога нејзината ќеркичка искра од публиката дојде до сцената за да и донесе букет цвеќе, како и неколку други девојченца, беше оној кој ја разнежни публиката.


А пејачката букети доби и од некои од нејзините колеги, специјални гости на нејзиниот концерт како фолк дивата Сузана Спасовска.

Но прв од гостите кој излезе на сцената беше Ламбе Алабакоски, кој најпрвин со Бојана во дует го изведе можеби нејзиниот најголем хит во кариерата, „Дилема“, кој во оригинал таа го пееше со Роберт Билбилов, кој веројатно и не беше во план да се појави, додека гласот на Тони Зен кој исто така рапува во оригиналната верзија, го замени Ана Костадиновска, која по преживеаната катастрофа во Кочани однеодамна одново е пејачки активна.

Се реда повеќе или помалку познати авторски песни од пејачкиот опус на Бојана , од „Око мое“ и двете макфестовски победнички теми „Немам одбрана и „Диви цветови, преку „Нема јас да сфатам“ , и се така редум се’ до најновата песна „Нема, нема“…

Се’ до следниот гостин, фолк кралот без круна Миле Кузмановски кој ја отпеа култната „Не кани ме“ и го најави и својот солистички концерт на истата сцена, на 24 декември 2025-та.

Веќе споменатата „фолк институција“ Сузана Спасовска покрај врачениот цветен подарок на својата домаќинка на публиката и подари и врвно доживување со својата маестрална иаведба на легендарната изворна класика „Параходот…“, поскаувајќи им на сите да си се сакаме меѓу себе и да ја сакаме нашата татковина, Македонија.

Првиот дел од концертот Бојана го заврши со две изведби од нејзината како што рече, омилена македонска поп пејачка, музичката поп дива Маја Оџаклиевска, чии две песни („Многу солзи исплакав“ и „Само сеќавања“ ) во извонредна изведба на концертната домаќинка, дополнително емотивно ја разнежнија и кренаа на нозе публиката.

Изведбата на Ламбе Алабакоски на уште еден стар евергрин „Каде песно моја“ од Славе Димитров, ја зачини вечерта во која свое место имаа и старите шлагери.

Потоа Бојана одново се појави на сцената во нов аутфит, златниот долг свечен фустан за да го започне последното музичко парче од својот солистички концерт, во кој свое место најдоа песните кои провејуваат патриотската содржина и дух.

Бојана ја изведе незаборавната „Молитва“ од Виолета Томовска по која се се редеа и песни од проектот „Македонијо, во срце те носиме“, па така пејачката ги испеа „Запејте сите ангели“, „Дома“ и како јаготка на шлагот, за крај единствената „Заветна“, додека еден од браќата Миле и Ѓорѓи Барбаровски, кои се автори на музиката и стиховите на песната беше во публиката.

Крајот еуфоричен, со многу емоции, силен патриотски набој, стоечки овации, високо кренато знаемо со „Сонцето од Кутлеш“ во салата и силни аплаузи за пејачка, нејзиниот придружен бенд, гостите, но и организацијата на „Скендеровски продукција“ кои придонесоа Бојана да направи концерт кој има душа, чиј фидбек го почувствува и и’ го возврати и самата публика.

Умеењето и знаењето на пејачката како и сиот вокален потенцијал се покажа дека е несомнен. Она што можеби недостасува се повеќе авторски хитови на репертоарот и секако недоумица по кој пат Бојана да продолжи со кариерата? Што тоа повеќе и лежи? Хитовски определената модерна поп класика или етно патриотската експресија вткаена во стилизираниот македонски фолклор?

Првиот нејзин солистички концерт несомнено ја става „Во дилема“!






