Денес, на 78-годишна возраст почина актерката Ленче Делова. Актерка со можеби најспецифичен и најавтентичен сценски сензибилитет. На сцената на Драмскиот театар во Скопје, во тоа време Драмски младинско-детски театар, почнува да го живее својот актерски живот од 1964 година, кога има само 16 години. Токму затоа може да се каже, дека Делова навистина целата своја животна приказна ја конструираше, ја градеше и надградуваше преку приказните што театарот ги создава.
Од позначајните улоги ги одвојуваме: Пере (Дундо Марое, 1966); Жената во авијатичарска облека (Ништо, 1972); Александра (Егор Буличов и другите, 1975); Офелија (Хамлет, 1977); Франческа/Кека/ (Рибарски караници, 1979); Евдокија, баба на Паца (Солунски патрдии, 1979); Естер (Виктор или деца на власт, 1981); Ивона (Ивона, кнегиња бургундска, 1984); Роза (Игранка во времето на Лунаса, 1995); Трајанка (Ни ќар, ни зијан, 1996).
Драмски театар – Скопје ја соопшти веста за смртта на актерката Ленче Делова, една од најпрепознатливите и најконтинуирани имиња во македонскиот театар, филм и телевизија.
„Нејзиниот талент, топлина и насмевка ќе останат засекогаш во нашите срца и спомени. Театарот загуби уметник, а ние – пријател и прекрасен човек“, соопштија од Драмски театар, изразувајќи искрено сочувство до семејството и најблиските.
Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 година во Скопје. Својот актерски пат го започнува како глумец-аматер во 1964 година, а од 1970 станува член на ансамблот на Драмски театар – Скопје, каде останува до пензионирањето во 2013 година. Во текот на повеќе од четири децении активна работа, таа оствари една од најбогатите кариери во македонскиот театар.
Меѓу нејзините најзначајни улоги се вбројува Офелија во „Хамлет“, за која во 1978 година ја добива наградата „13 Октомври“. Во 1996 година ја добива наградата за најдобро глумечко остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогата на Трајанка во „Ни ќар ни зијан“, а во 2006 година ѝ е доделена и наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“ за исклучителен придонес во театарската уметност.

Покрај сцената, Делова остави силен печат и во филмската и телевизиската продукција. Публиката ја памети по улогите во сериите „Чук, чук Стојанче“, „Солунски патрдии“, „Во светот на бајките“ и „Ајде да се дружиме“, како и по учеството во филмот „Пред дождот“. Нејзината филмографија опфаќа бројни наслови од 1970-тите до 2010-тите години, што сведочи за долга и плодна уметничка активност.
Со заминувањето на Ленче Делова, македонската културна сцена губи истакната актерка чиј труд и посветеност трајно се вградени во историјата на националниот театар и аудиовизуелната продукција.








