Етно мултиинструменталистка Бајса Арифовска-Димитрова ќе го одржи концертот „Балканско виножито“ во малата сала на Македонската филхармонијата на 16 октомври од 20 часот. Препознатлива како виртуоз на кавал, тамбура, кларинет, ут и виолина, овојпат Арифовска-Димитрова ќе свири амбиентална, етно и етно-џез музика со музичари од регионот.
„Со големо задоволство ви го најавувам нашето музичко патување кое ќе биде уникатно концертно доживување и ќе понуди различна перспектива на балканската традиција. На концертот посебен акцент ќе му се даде на кавалот, кој изобилува со богата палета на техники и звучен колорит“, вели Арифовска-Димитрова.
Гости се Неделко Неделков на кавал, Ивајло Димитров и Душко Георгиевски како вокални солисти, Дамир Имери на пијано и клавијатури, Иван Бејков на бас, Ратко Даутовски на перкусии, и Емил Адамски на гајда.
Картите се во продажба преку мрежата на карти.мк.