Живот и стил Југоносталгија

Фотографија од стан од 80-тите разбуди спомени – сите забележаа еден детал

Фотографија од типичен југословенски стан од 80-тите години предизвика лавина коментари на социјалните мрежи, а многумина наместо мебелот и ентериерот го забележаа она што денес сè поретко се гледа – семејство собрано заедно, без мобилни телефони и без дигитални одвлекувања.

Фотографија од стан од 80-тите разбуди спомени – сите забележаа еден детал

Освен типичниот кафеав ентериер карактеристичен за тоа време, на многумина им падна во очи уште еден детаљ на фотографијата што деновиве се шири на социјалните мрежи.

На Фејсбук-страницата „Носталгија“ беше објавена фотографија од типичен семеен стан од 70-тите и 80-тите години во поранешна Југославија, со опис: „Вака изгледаа становите во Југославија во осумдесеттите“.

Додека некои корисници ги коментираа мебелот, теписите и препознатливиот изглед на дневната соба, повеќето внимание го насочија кон нешто сосема друго – семејната атмосфера.

„На почетокот ми беше чудно нешто на фотографијата. Гледам деца седат без мобилен телефон во рацете, а и родителите исто така. И потоа ми текна – па секако, тогаш немаше мобилни телефони“, напиша еден корисник.

Други коментари беа уште поемотивни.

„На овој стан ништо не му недостига. Погледнете колку љубов има. Децата седат во скутот на родителите и тоа беше најважно. Не како денес кога секој седи сам и гледа во телефонот. Никој нема време за разговор. Тоа е тажно“, напиша една корисничка.

„Јас прво забележав дека родителите ги држат децата во скут. Тоа беше време на семејна љубов. Денес секој гледа во својот телефон“, гласи друг коментар.

Многумина ја искористија фотографијата за да се потсетат на сопственото детство.

„Станот воопшто не е важен на оваа фотографија. За мене е прекрасна. Имав прекрасно детство во такво домаќинство. Моите родители, сестра ми и јас, цртаните во 19:15 часот, многу гости, селото… Ништо не ми недостигаше, а топлината во домот ја имаше во изобилство“, напиша еден корисник.

Друг додаде:

„И што им недостигаше? Тоа беше дом во кој бевме среќни.“

Фотографијата повторно ја отвори вечната дебата дали порано луѓето навистина живееле поскромно, но посреќно, или пак носталгијата едноставно ги разубавува спомените. Сепак, судејќи според реакциите, многумина не жалеа по мебелот или по ентериерот од тоа време, туку по блискоста, разговорите и семејната атмосфера што, според нив, денес сè потешко се пронаоѓа.

To top