Дефинитивно е потврдено дека догодина, во 2027 Македонија се враќа на Евровизија. Она што е секогаш дилема е кој и со каква песна да не претставува? И додека јавноста како и секогаш има поделени мислења, Инстаграм страницата на македонските евровизиски фанови секојдневно се преви листа од предлози за тоа кој би сакале да пее на евровизиската сцена во Софија. На неа наголемо се потенцираат и фаворизираат одредени музички артисти, меѓу кои и добро познати имиња од македонската естрада.

Меѓу сите нив во лицитацијата на гласови преку ноќ на врвот изби едно име, за пошпироката јавност можеби и не толку познато име. Боби Андонов за само еден ден „им избега“ со лајкови на останатите конкуренти, па од старт предничи како фаворит меѓу фановите кои го гледаат како артист кој со својот талент и искуство заслужува да биде наш претставник следната година како повртаници на Евровизија.

Македонско „чудо од дете“ на австралиска почва
Малкумина знаат дека зад успешната светска приказна на пејачот Боби Андонов стојат македонски корени и детство исполнето со мирисот на струмичките села – родниот крај од на неговите родители, па токму оттаму потекнуваат неговите најубави детски спомени..
Иако е роден во далечниот Мелбурн, Австралија, Боби никогаш не ја заборавил Македонија. Напротив, македонскиот јазик бил неговиот прв јазик, а и денес секојдневно го зборува со гордост.
Летните распусти ги минувал во Македонија, а особено емотивни му биле посетите на семејната куќа што неговиот татко ја изградил во струмичко. Денес, животот му носи нови радости – Боби е среќно оженет со балерината Џеки Bаптиста, а неодамна се оствари и во најважната улога во животот – стана татко.

Неговиот пат до светската сцена започнал кога имал само шест години. Талентот брзо го издвоил од врсниците, па уште како дете добивал улоги за кои многумина само сонуваат. На девет години го играл Дени Зуко во детска верзија на „Брилијантин“, а потоа следувала и улогата на младиот Симба во спектакуларната продукција на „Кралот лав“.

Македонската публика, пак, засекогаш го запамети во 2008 година кога на Детската Евровизија на Кипар го освои фантастичното петто место – успех што и денес останува најдобар македонски пласман на ова натпреварување.
Токму тогаш започнува вистинската бајка. По настапите на „Златно славејче“ и Детската Евровизија, Боби сфатил дека музиката не е само хоби, туку негова животна мисија. Само неколку години подоцна ја воодушевува Австралија во шоуто „Australia’s Got Talent“, каде неговата аудиција ја гледаат милиони луѓе. Толку силен впечаток оставил што легендарниот музички критичар Моли Мелдрум лично го запознава со светската R&B суперѕвезда Ашер. Од тој момент ништо повеќе не било исто.
Од Мелбурн преку Кипар до Холивуд
Во 2015 година Боби потпишува договор со моќната американска музичка куќа „Hollywood Records“ и се преселува во Лос Анџелес, каде и денес успешно ја гради својата кариера како пејач, текстописец и продуцент. Работел на бројни меѓународни проекти, соработувал со големи музички имиња и создал хитови кои ги пеат познати светски изведувачи.

Неговиот сингл „Apartment“ му донесе меѓународно признание, а денес зад себе има импресивна кариера на која би му позавиделе и многу американски ѕвезди.
Враќање на корените
Но, она што особено ќе ги израдува неговите фанови во Македонија е фактот што Боби повторно му се враќа на мајчиниот јазик.
Пејачот наскоро ќе ја објави новата песна „Момент“, за која текстот го напиша една од најдобрите македонски текстописки Магдалена Цветкоска – Ена. Синглот ќе биде само вовед во уште поголемо музичко изненадување – цел албум на македонски јазик.

Ако им се верува на евровизиските фанови, Боби Андонов би можел да биде едно од најголемите македонски адути за Евровизија 2027. До тогаш, останува да видиме дали момчето од струмичките корени ќе ја освои и македонската музичка сцена на ист начин како што ги освои Австралија и Америка.
View this post on Instagram
Ќе биде мошне интересно да се види како на оваа идеја ќе реагираат во МРТ, а како ѕвездите од македонската естрада, особено оние кои очекуваат и потајно се надеваат дека токму на нив ќе падне изборот догодина да ја претставуваат Македонија на Евровизија?!
Фото: Инстаграм/bobiandonovofficial
Видео: Youtube/Bobi Andonov – Prati Mi SMS – F.Y.R. Macedonia – 2008 Junior Eurovision Song Contest






