Антониа Гиговска несомнено е еден од најдобрите женски поп вокали кај нас од помладата генерација, а можеби и воопшто. Неретко нејзините вокални способности дарба ги ставаат во редот на оние со една Маја Оџаклиевска, Калиопи, Каролина, Тамара… и останатите македонски вокални ведети.
Она што е исто така познато е дека семејството во кое се омажи, е истотака музичко. Со традиција која датира оддамна во кое сите умеат да свират и пејат.
Така, нејзиниот свекор Боби Спасенцоски е познат македонски фолк пејач, но и музички педагог.
Под прекарот „Џокер“ на македонската поп естрада се крие името на Роберт Спасенцовски.
Хармоникаш, клавијатурист, но и пејач, кој воедно е и нејзин сопруг и татко на нивното синче.
И неговиот брат Александар, инаку деверот на Антониа е музичар и пејач исто така, кој има неколку свои песни и спотови.
Иако на сето тоа се надоврзе дека и неговата девојка Јана Спирковска, која можеби наскоро ќе и стане и јатрва е исто така пејачка, дефинитивно е јасно дека Антониа Гиговска влетала во распеана фамилија.
Дали е до кармата, дали и е таква харизмата, зашто и бившото момче Иван Јованов од „Либеро бенд“ е пејач, само Севишниот знае!
Она што е малку познато или барем доскоро беше непознато е дека во „фамилијата“ има уште некој што пее?!
Дека е тоа така покажа и докажа самата Гиговска со едно блиц видео на своите Инстаграм приказни. На него не е ниту таа, не се ниту сопругот, деверот, јатрвата, свекорот… туку сега се појави уште еден вокален солист во дворот! Кој пее зло не мисли и од него нема зијан, ама ако помисливте дека е во прашање најмладиот член, тоа сепак не е нејзиното синче Киан.
Имено, додека во позадина оди воведот од нејзината нумера „Магла“ слаткиот кафен пес од расата Кокер „пее придружни вокали“ небаре е Џокер… или Џо Кокер!
Пее, цвили, со сите сили, покажувајќи директно во етер дека и неговото пеење не е „Магла… во ветер“! И тоа го прави многу често ова дејство… Па не случајно се нашол во музичко семејство!
Фото и видео: YouTube/Instagram – antoniagigovskaa