Македонската фолк ѕвезда Сузана Гавазова повторно знае како да го привлече вниманието на публиката. Нејзината нова песна „Mama Queen“ веќе предизвикува голем интерес, а според првите реакции – многумина се согласуваат дека станува збор за потенцијален хит на прво слушање.

Видеоспотот за песната е снимен на егзотичните плажи на Малдиви, каде што пејачката неодамна престојуваше со своето семејство. Сонцето, тиркизниот океан и фасцинантните пејзажи создаваат визуелна приказна која совршено се вклопува со енергијата на песната.

А во неа струмичката убавица Гавазова со раскошната телесна убавина како вистинска “музичка кралица“ зрачи со својот неодолив сексапил, додавајќи и на целата атмосфера нагласен еротски набој во кој жешките кадри ќе ве заведат, па заедно со ритамот и рефренот ќе ви го разубават денот.

Комплетен автор на „Mama Queen“ е Љупчо Антоновски – Бубе, кој стои зад текстот и музиката која е спој на модерната продукција со егзотичните ритми и етно звуци.

За реализацијата на видеоспотот се погрижи Сафрас Мохамед, додека зад камерата беше Даин Мохамед.

Финалниот изглед на видеото доаѓа од постпродукцијата на Николај Скерлев, име кое веќе има соработувано со бројни познати музички артисти од Бугарија и регионот.

Со овој проект Гавазова не само што претставува нова песна, туку и ги подигнува продукциските стандарди кога станува збор за домашните музички видеа. Од звукот, преку визуелната приказна, па сè до интернационалната екипа – „Mama Queen“ изгледа како проект што амбициозно цели кон врвот на летните плејлисти.

Ако судиме по атмосферата, ритамот и егзотичните кадри од Малдивите, едно е сигурно – балканското лето добива нова музичка кралица.






