По трагедијата во скопски Карпош која никого не остави рамнодушен, откако мајка со својата малолетна ќеркичкаа, по години голгота, малтретирање и брутално семејно насилство си го одземаа животот на најстрашен начин, јавноста одново експлодираше. Медиумите бруеја, социјалните мрежи „зовреа“, сите некако вперувајќи го прстот во системот. А всушност системот не постои сам по себе, зашто системот сме сите ние. На него за жал, се сеќаваме само откако ќе се случи некаква трагедија. Тогаш сите сме најгласни, сите паметуваат и мудруваат, плукаат, обвинуваат, критикуваат… Да, така е, ама сепак – не е така! Зашто предоцна е да се дели ум и бараат виновници откако некој на некого или сам на себе ќе крене рака.
Очигледно не не убива системот, туку молкот во кој престанавме тој систем да го градиме, одржуваме, надградуваме, стимулираме… Да се бориме и трудиме да функционира. Со тоа што ќе превенира секакво насилство, па и семејно.


Ако навреме го детектираме проблемот, свој или нечиј, реагираме, кажеме, пријавиме, јавно обзнаниме… системот мора да реагира! Ако не, ќе го смениме. Ама не, ние реагираме отпосле, кога е веќе предоцна. Сеирот и одсуството на емпатија не красат многу повеќе , отколку одговорноста и подготвеноста да се реагира, посочи, помогне… навреме! Вртењето глава настрана, зашто тоа не е наш проблеме кој не допира, ја создава големата слика, ја покажува реалноста со „патент на устата“, тогаш кога треба устата да биде најшироко отворена, најгласна. Потоа… џабе лаеме. Можеме само да завиваме од згрозеност, тага и болка, ама попусто… Загубените животи не се враќаат.







