Македонската поп пејачка Калиопи Букле уште еднаш потврди дека е вистинска поп дива во буквална смисла на зборот. По првите три, таа вчеравечер, вторник 30-ти декември, 2025 година ја заврши со уште еден фантастичен концерт во Македонската филхармонија, на кој сподели нова тура волшебна енергија која ги допира сите сетила.
Со своите бравурозни изведби, Калиопи и нејзиниот придружен бенд засилен со многубројната екипа музичари, никого не остави рамнодушен, зашто во повеќе од два и пол часовната прошетка по богатиот опус од нејзината (и не само нејзината) музичка кариера нашата „најмила“ со секој отпеан стих, отсвирен тон и кажан збор знаеше како да и ја разгали душата на својата публика која и возвраќаше со аплаузи и извици.

Концептуално поразлилчен, зашто е акустичен, ваквиот пристап особено во помал простор каква што е акустичната сала на филхармонијата, се покажа како магичен… Многу поблизок и поинтимен и за самата пејачка и за поситетелите кои се чувствуваа, како што самата Опи знаеше да каже, како да и дошле дома, на гости. А, таа и тоа како знаеше и умееше како добра домаќинка, своите гости да ги пречека и нагости, со грст од нејзините певливи хитови, нишка од бисери преточени во емотивните балади и мала прошетка низ времето и годините… И нејзините и преку избор од најголемите и незаборавни евергрини на македонски фестивалско – шлагерски естрадни уметници.

Меѓу секоја од песните концертната домаќинка имаше и своја приказна… Понекогаш лична, понекогаш нечија, но секоја нејзина дума беше наместо, шармантна, на моменти и довитлива, но одмерена и допадлива. Впрочем, речиси половина век на сцената е повеќе од доволна компилација на божја дарба, акумулирано искуство, знаење и умеење она што најдобро го работи на вистински начин да го преточи не само во песни, стихови и вокална експресија, туку и во вистинска приказна составена од сите потребни компонентни за единствено чувство на блаженство, кое Калиопи на публиката како подарок и го понуди во нејзиното предновогодишно концертно пакетче за сите генерации.

Вокално моќна, единствена и ненадминлива, без конкуренција не само во Македонија, туку веројатно и во целиот регион, во секоја своја песна ја имаше вдахнато сета експресија, целата своја душа која ја споделуваше и делеше со публиката. Онака, како што ниту една друга пејачка не умее песната на таков емотивен и близок начин да ви ја долови, доближи и донесе, создавајќи ви чувство дека и вие сте внатре, во нејзината приказна. Волшебство од ноти и стихови, чувства и емоции од кои срцето трепери, а телото го лазат морници, а на моменти во очите ви осамнуваат солзи… Зашто така душата може да ви ја стопли или стопи, само Калиопи.

Музички бендот беспрекорен, точен и прецизен во своите изведби, онака како што впрочем и се очекува од врвни музичари, заедно со придружните вокали на Маја и Јулија, кои како два распеани ангели чувари од двете страни ја придружуваа поп дивата во нејзината концерна пловидба низ фантазијата…

Единствениот гостин – Слаткаристика, заедно со Калиопи ја изведоа заедничката дует песна „Води ме“ , како спој на две различни милјеа, две различни генерации, покажувајќи дека истите и не мора да ги дели јазот на времето, туку напротив, преку музиката може да ги спојува и надополнува.

На низата од нејзините најголеми хитови, воглавно на македонски јазик и мал дел на српски, од „Обои ме“, „Не ми го земај времето“, „Најмила“, „Дали ме сакаш“, Дари, дари, дам“… преку „Ако денот ми е ноќ“, „На пат до Македонија“ или „Знам“, „Дона“, „Ела“… Калиопи во првото музичко медли од рефрени придодаде и дел нејзините постари песни како „Остани во мене“. Песни од времето на почетоците со нејзиниот екс љубовно-брачен, но и професионално вечен пратнер и соработник, Ромео Грил, кои звучеа колку носталгично, толку и фантастично.

А, божествена беше и изведбата при сеќавањето на старите добри фестивалски времиња од 70-ите, кога на тогаш единствениот „Скопски фестивал“, настапуваа македонските легенди на забавната песна, како Сашка Петковска, Драган Мијалковски, групата Македонија… на чии незаборавни фестивалски евергрин рефрени Калиопи не потсети во вториот музички микс, второто забавно-музичко медли.

За крај, на бис се разбира беше оставено најдоброто, најсилното, најмоќното и најпознатото од нејзиниот огромен музички опус. Она што ја обележа како наш евровизиски претставник, познатата тема „Црно и бело“ и секако нејзината лична, но и химната на генерациите како печат со кој го завери и затвори својот последен концерт за оваа година.

Еруптивната изведба на вечната „Бато“ како што ја знае народот, или „Роѓени“, како што е вистинскиот наслов на легендарниот евергрин на Калиопи, за катарза на концертот кој ги допре и разбуди сите сетила на нејзината публика која со долг аплауз, извици и стоечки овации ја испрати својата миленичка во ноќта… за паметење.
Фото: Фејсбук/Прагма/Вистина.мк






